НОЌЕСКА УШТЕ 60 ГОСТИВАРЧАНИ ВО БОЛНИЦА СО СТОМАЧНИ БОЛКИ, ПРИЧИНИТЕЛОТ НА МАСОВНОТО ТРУЕЊЕ НЕПОЗНАТ

    НОЌЕСКА УШТЕ 60 ГОСТИВАРЧАНИ ВО БОЛНИЦА СО СТОМАЧНИ БОЛКИ, ПРИЧИНИТЕЛОТ НА МАСОВНОТО ТРУЕЊЕ НЕПОЗНАТНоќеска уште 60 пациенти побарале лекарска помош за стомачни болки, малаксаност, повраќање и пролив

    Министерството за здравство соопшти дека ноќеска во гостиварската болница уште 60 луѓе побарале лекарска помош за стомачни болки, изнемоштеност, повраќање и пролив, откако изминативе три дена на инфективното одделение во Гостивар со исти симптоми беа третирани околу 300 пациенти. Анализите со кои се бара причинителот за болеста сè уште не се завршени.

    „Од епидемиолошките и другите спроведени мерки, со сигурност може да се констатира дека не постои поврзаност за консумирање храна од еден ист објект. Од Центарот за јавно здравје се на терен и ја следат состојбата. Во тек е обработка на податоци, по што надлежните институции ќе ја информираат јавноста“, велат од Министерството за здравство.

    Резултатите од анализите ако покажат дека има потреба да реагира Државниот санитарен и здравствен инспекторат, тој ќе издаде решение и ќе преземе соодветни мерки, додаваат од Министерство за здравство.

    Според инфромациите од гостиварската болница, пациенти со вакви симптоми има цела недела, но дека пикот бил завчера вечерта, кога биле третирани 110 пациенти. Вчера уште стотина пациенти побарале лекарска помош. Епидемиолозите од регионалниот Центар за јавно здравје зеле мостри за испитување и од пациентите, но и од градскиот водовод. Лекарите од гостиварската болница велат дека откако дефинитивно е исклучена храната како причинител за труењето, сега сомнежите се дека луѓето се затруле од водата. Пациентите по добиената терапија по неколку часа се пуштаат на домашно лекување, и нема пациент со потешки компликации.

    „Дел од пациентите немаа температура, само беа малаксани, а мал дел имаа и температура. Сè уште не знаеме дали станува збор за вироза или за бактерија, бидејќи досега бактерија не е изолирана. Тука беа епидемиолози од Центарот за јавно здравје, од Институтот за јавно здравје и инспектори од Државниот инспекторат и земаа мостри. Во тек се дополнителните анализи и се надеваме дека наскоро ќе знаеме за што точно се работи. Веќе исклучивме дека е труење од храна, и сега сомнежите се дека е од нешто во водата, бидејќи има многу пациенти одеднаш“, вели д-р Гојарт Сулејмани.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира