СИТЕ Ѝ СВРТЕА ГРБ НА КАТАЛОНИЈА, НА ЧИИ ЛИДЕРИ ИМ СЕ ЗАКАНУВА ЗАТВОР

    СИТЕ Ѝ СВРТЕА ГРБ НА КАТАЛОНИЈА, НА ЧИИ ЛИДЕРИ ИМ СЕ ЗАКАНУВА ЗАТВОРКаталонија е во еуфорија по прогласувањето на независност, но Мадрид најави дека таа ќе биде со краток век (Фото: АФП)

    Речиси еден месец по хаотичниот референдум, Каталонија, конечно, прогласи независност, но Мадрид на тоа одговори со жестоки противмерки, кои би можеле да ги одведат сепаратистичките лидери и во затвор.

    Повикувајќи се на член 155 од шпанскиот устав, премиерот Маријано Рахој го распушти каталонскиот парламент и објави дека во регионот ќе се одржат избори на 21 декември.

    И додека во каталонските градови во еуфорија се симнуваа шпански знамиња, јавното обвинителство најави дека подготвува обвинение против претседателот Карлес Пуигдемонт.

    „Јавното обвинителство наредната недела ќе покрене тужба против Карлес Пуигдемонт за побуна, за што е можна затворска казна до 30 години. Постапката би можела да се прошири и на остатокот од каталонската влада“, изјави портпаролот на обвинителството.

    Рахој, исто така, најави дека неговата влада ќе побара од уставниот суд да ја поништи резолуцијата на каталонскиот парламент.

    „Ова е најблиското чувство до среќа. Имав големи надежи дека ова ќе го оствариме. Отсега, градиме една нова држава“, изјави 52-годишната Сузана Коломинас, која беше меѓу илјадниците жители на Барселона, кои го прославуваа овој историски чин.

    Гласањето во парламентот во Барселона помина без пратениците од опозициските партии, па резолуцијата за независност доби поддршка од само 70 пратеници, а уште десет беа против.

    Сепак, потегот на Каталонија досега не е поздравен од никого и Европската Унија прва ѝ сврте грб.

    „Не ни требаат уште пукнатини и поделби во рамките на Европска Унија. Не сакаме ситуација таа во иднина да биде создадена од 95 држави“, изјави претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

    САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија веднаш се огласија дека не поддржуваат независна Каталонија, а таков став има и НАТО.

    „Шпанија е верен сојузник, кој многу придонесува за нашата заедничка сигурност. Каталонија е внатрешно прашање, што треба да се реши во рамките на уставниот поредок“, изјави неименуван функционер на НАТО.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира