СИНДИКАТОТ НА „ФЕНИ“ НЕ ПРИФАЌА СТЕЧАЈ, ЌЕ ГИ БЛОКИРААТ И СУДОТ И БАНКИТЕ

    СИНДИКАТОТ НА „ФЕНИ“ НЕ ПРИФАЌА СТЕЧАЈ, ЌЕ ГИ БЛОКИРААТ И СУДОТ И БАНКИТЕЗаостаната плата на вработените, што им беше исплатена минатиот петок, е обезбедена со позајмица од фирма со која „Фени“ соработува, рече вчера Хари Костов, главен извршен директор на Комерцијална банка, која е една од трите банки на кои комбинатот должи (Фото: СДК.МК)

    Синдикатот на „Фени“ не прифаќа стечај и најави дека со штрајкови ќе ги блокира и судот и банките ако дојде до тоа. Комерцијална банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје и Силк Роуд банка АД Скопје вчера до надлежниот суд во Велес поднеле предлог за почнување на стечајна постапка за компанијата за фероникел од Кавадарци „Фени индустри“, бидејќи вкупниот долг што го има кавадаречката фирма кон трите банки не може да го сервисира.

    „Ако за нас нема работа, нема да има ниту за нив“, вели Ѓоре Палитов, претседател на Синдикалната организација на „Фени“ (Фото: СДК.МК)

    „Ако за нас нема работа, нема да има ниту за нив“, вели Ѓоре Палитов, претседател на Синдикалната организација. Тој рече дека стечај не е прифатлив, затоа што во такви услови работниците треба да седат дома и да не земаат плата.

    „Како вработени во ‘Фени’ и јас како претседател на Синдикатот нема да останеме мирни и добродушни и на сето ова да седиме и молчиме. Ние мораме да си ги одбраниме нашите права. Толку народ да остане без корка леб, нема да дозволиме“, вели Палитов.

    Тој рече дека вчера на тричасовната средба вицепремиерот Кочо Анѓушев им тврдел дека Владата ќе се заложи за да не дојде до стечај. Само што се вратиле во Кавадарци, биле информирани дека банките побарале стечај и тоа многу ги налутило.

    За денеска Палитов најави дека ќе одржи состанок со Одборот на синдикатот и со сите вработени и ќе одлучат за понатамошните активности. Според него, банките имаат нереални барања за гаранции до бугарскиот инвеститор. Појасни дека вчера заедно со транспортерите имале состанок со Анѓушев и се договориле наредните денови да му дадат можност на бугарскиот „Енекод” да ја дефинира понудата спрема банките и останатите доверители.

    „Со оглед на тоа дека се работи за огромна сума што не се наоѓа преку ноќ, од страна на банките до бугарскиот инвеститор се поставуваат нереални барања за гаранции. Такви гаранции можат да издадат само неколку банки во светот. Сè со цел ‘Енекод’ да се откаже од купувањето на ‘Фени’. А бугарскиот инвеститор веќе потпиша договор за купување на ‘Фени’ и тој договор е во сила. Исто така, поднесени се документи до Централен регистар за назначување на бугарскиот инвеститор за преземање на директорските функции во ‘Фени индустри’“, вели Палитов.
    Тој смета дека во случајов се работи за лични интереси на одделни моќници во државата.

    „Бугарскиот инвеститор не е откажан од ‘Фени’, само се прават манипулации истиот да се откаже. Целата игра се игра од банките кои инсистираат фабриката да се продаде на швајцарскиот фонд, кому не знаеме кој му е сопственик, а зад кој имаме сознание дека стојат бивши директори на ‘Фени’, за кои има и активни кривични пријави. Имаме сознанија дека бугарскиот инвеститор во петокот бил изманипулиран од банките, кои до 16.30 часот не му пуштиле одговор за понудата која ја имал дадено, за да не може да пушти плата на вработените во ‘Фени’. Лично ја читав понудата од ‘Енекод’ до банките со која во рок од триесет дена се обврзува да вложи 15 милиони долари, а остатокот да се исплатува на рати. ‘Енекод’ побара и дополнителен рок од шест дена да ја зголеми и оваа понуда и ги превзема сите долгови“, вели Палитов.

    Тој смета дека треба да се даде можност на инвеститорот да ја преземе фабриката.

    „Сакам да напоменам дека банките не можат и нема да дозволиме да одлучуваат за судбината на илјада вработени и уште толку доверители во ‘Фени’. Банките преку камати во последните 16 години имаат наплатено најмалку колку што е долгот во моментов, додека вработените, транспортерите и другите доверители имаа вложено пари од сопствените џебови. А сега не можат да си ги наплатат, а камоли да наплатат камати, како што тоа го прават банките овие 16 години. Сега нема да дозволиме банките покрај сите пари кои ги имаат наплатено од ‘Фени’, повторно да одлучуваат за судбината на ‘Фени’ и на сите доверители“, категоричен е Палитов.

    С. ДАРУДОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира