Апелациониот суд Скопје денеска ја одложи за утре во 9.30 расправата дали прислушуваниот разговор може да се користи против ексминистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во случајот на СЈО „Тендери“, што Основниот суд Скопје 1 го отфрли како неважечки. Причината за одлагањето, како што кажа судијата Африм Фидани, е спреченост поради службени обврски на третиот судија да присуствува на денешната расправа, која е по жалба на СЈО, зашто Кривичниот суд ги одби во септември прислушуваните разговори во обвинението за „Тендери“.
Досега, Скопска апелација ги има прифатено бомбите за „Насилствата и шамарите во Центар“, каде првообвинет е експремиерот Никола Груевски, како и за случајот „Триста“, каде обвинет е поранешниот помошник-министер за јавни набавки во МВР Ѓоко Поповски.
Според обвинението на СЈО, во периодот од 14 јуни, 2011 до 31 декември, 2013, првообвинетата Канческа-Милевска како министерка и три обвинети лица, членови на комисијата за јавни набавки од Министерството за култура како соизвршители, ги искористиле службените положби и овластувања и при вршење на јавни набавки, за градежното претпријатие Бетон Штип АД Штип противзаконски му обезбедиле еден милион евра. Бетон веќе бил изведувач на градбите на Музејот на ВМРО, кога Канческа-Милевска и соучесниците му рекле на директорот – сведок во постапката, да продолжи со партерното уредување пред музејот, а распишувањето на тендерот на кој Бетон ќе биде фаворизиран и ќе победи, го распишале подоцна.
С. К. ДЕЛЕВСКА