Без политичари и дипломати, без гламурозна публика, без цвеќиња на сцена или какви било декорации, помина прославата на 70-годишниот јубилеј на Македонската опера и балет (МОБ). Заменик- министерот за култура Владимир Лазовски и амбасадорот на Албанија Фатос Река беа единствени претставници на Владата на Република Македонија и на дипломатскиот кор.
Освен в.д. директорите на Македонскиот народен театар и на Македонската филхармонија, Драган Спасов- Дац и Виктор Илиески, на одбележувањето не дојдоа други претставници на значајните културни институции.
Изминативе неколку сезони, МОБ воведе пракса, на премиерите или свечени концерти, гостите да се фотографираат на самиот влез со рекламните паноа на куќата и да се задржуваат во фоајето за дружење, што даваше некоја свечена нота на настаните. Синоќа ниту тоа го немаше.
Салонот на МОБ се наполни само со пензионирани уметници од Операта, како и поранешни и денешни професори на Факултетот за музичка уметност.
Гостите ги поздравија заменик-министерот Лазовски и в.д. директорот на МОБ Илија Рајковски, кој говореше за почетоците и историјата на националната куќа и на Мајските оперски вечери, кои годинава слават 45 години. Рајковски ги поздрави пензионираните уметници, и им порача дека нивниот ентузијазам кој го имале при основањето на куќата, се пренесува и ќе се пренесува на идните генерации.
На првиот дел од прославата, наречен гала оперски концерт, на празна сцена со бела завеса зад себе, која ја криеше наместената сценографија за вториот дел, настапија солистите – првенци на МОБ со арии, дуети, терцети, квартети, оркестарски и хорски нумери од Пучини, Маскањи, Џордано и Маснè.
Со Оркестарот на МОБ диригираше Бисера Чадловска, која е в.д. уметнички директор на Операта.
Во вториот дел од вечерта премиерно се изведе операта во еден чин „Кавалерија рустикана“ во режија на Италијанецот Џандоменико Вакари, под диригентство на Џанлука Мартиненги од Италија. Сценограф на претставата е Зоран Николовски, а костимите се на Елена Дончева. Настапија Весна Ѓиноска-Илкова, Ѓорѓи Цуцковски, Борис Трајанов, Николина Јаневска и Марика Поповиќ.
Репризата е закажана за в петок, со диригентот Иван Еминовиќ.
Б. НЕСТОРОСКА