Специјално од Солун за САКАМДАКАЖАМ.МК: Марина КОСТОВА
Двојниот оскаровец Александер Пејн вели дека е шокиран што требало толку долго време да се разоткрие криминалното однесување на холивудскиот продуцент Харви Вајнстин, кого високопрофилни ѕвезди го обвинија за сексуална злоупотреба и сега е под истрага. Пејн, чиј последен филм „Намалување“ ја отвори годинешна Мостра во Венеција, денеска е во Солун каде на 58. филмски фестивал неговиот филм ќе има специјална проекција.
„Шокиран сум и зачуден од големината на криминалното однесување на Харви Вајнстин и шокиран сум што требаше да помине толку долго време за да биде разоткриен. Се разбира дека сметам оти конечното разоткривање е добро за жените, оти тие сега велат нема тоа веќе да го поднесуваме и не сакаме да се повтори. Јас лично воопшто не го сакам Вајнстин, работев со него еден филм пред 21 година и никогаш веќе не сакав да работиме заедно. Зошто? Затоа што тој е еден многу непријатен човек и не знам зошто некој воопшто би му се приближил“, рече Пејн на прес конференцијата во Солун.
Тој зборуваше и за „Намалување“, футуристичка комедија во која луѓето избираат да се смалуваат и да бидат високи 12 цм заради спас на планетата. Главната улога ја игра Мет Дејмон.
„Идејата за ‘Намалување’ е многу стара, се роди во 2006, но требаше време концептот да се преточи во сценарио. Исто така, додека го пакувавме филмот, од филмските студија ми беше кажано дека сценариото е премногу интелигентно за парите што ги барам“, рече Пејн и додаде дека отприлика истиот одговор го добивал и за другите негови филмови, но имал среќа постојано да се најде некој кој би се нафатил да го продуцира и покрај тоа што филмот на хартија не му изгледал баш најдобро.
Пејн вели дека Мет Дејмон е еден од најдобрите актери со кои работел.
„Стивен Содерберг ми рече дека Мет Дејмон е најдобар актер, ќе стори се што ќе му кажеш, па и од планина ќе се фрли ако така побара режисерот“, вели Пејн.
На Солунскиот фестивал вечерва е и премиерата на „Исцелител“, дебито на македонскиот режисер Ѓорче Ставрески, што ќе игра во популарната програма Балкански преглед.