ТРАУМИТЕ И ХОРОРОТ НА КЕЖАРОВСКИ РАСПОСЛАНИ НА 300 СТРАНИЦИ КНИГА ЗА ПРИТВОРОТ ВО ШУТКА

    ТРАУМИТЕ И ХОРОРОТ НА КЕЖАРОВСКИ РАСПОСЛАНИ НА 300 СТРАНИЦИ КНИГА ЗА ПРИТВОРОТ ВО ШУТКАНовинарот Томислав Кежаровски со емотивниот говор за голготата што ја преживеал во притвор во „Шутка“ измами овации и солзи од присутните пријатели, но и од него на промоцијата. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Многу емоции измешани со гнев, воодушевување и по некоја солза имаше на промоцијата на книгата на новинарот Томислав Кежаровски „Живот во кутија“ синоќа во салата на приватниот универзитет ФОН во Скопје.

    Во својата прва книга „ Живот во кутија“,  Кежаровски  ги бележи деновите поминати во притвор во затворот во Шутка.

    Промоторот на книгата, новинарот и долгогодишен пријател на Кежаровски,  Синиша Станковиќ рече дека книгата е биографија од десет реда, некаде помеѓу траумите и хоророт што го преживеаја Томче, сопругата Марина и ќерката Стефанија, распослани на 300 страници.

     

    Наместо стипендист на германска фондација, сепак подобро ќе звучеше на визит картата да пишува Кежаровски, новинар од било која редакција во Македонија, рече промоторот,  новинарот Синиша Станковиќ. – (Фото. Ѓ. Личовски)

    На промоцијата  присуствуваа  пријатели и колеги на новинарот Томислав Кежаровски. Многу од нив беа и на протестите што пред двеипол години беа организирани за негово ослободување. Во салата беа присутни и дел од  колегите од притворското одделение во Шутка кои Кежаровски посебно ги поздрави со име и презиме.

    „Книгата ја напишав да испратам јасна порака до политичарите и до обичниот човек. Живеевме во осум квадрати  со месеци, четворица. Различни по образование, по националност, по возраст, по секој поглед различни. Но, тоа не ни даде повод да се расправаме меѓу себе. Ако можевме да живееме во осум квадрати, во Македонија има простор да живеат два милиони луѓе“, рече новинарот Томислав Кежаровски во емотивниот говор кој измами овации и солзи од присутните пријатели, но и од него.

    Кежаровски рече дека се надева оти неговата книга ќе биде последна во која ќе се  пишува за нечија голгота.

    „Се надевам дека оваа книга ќе биде последна од овој вид, и ќе се пишуваат книги за љубов и убави работи“, кажа Кежаровски и дополни:

    „Во книгата ќе прочитате зошто бев затворен, пишував за нивните гнасотилаци. Обвинителката кога ме повика на кафе ми рече дека треба да ѝ пеам. Ѝ реков,  не сум светец, кога ќе погрешам, знам и да се извинам. Меѓутоа не сакам да лажам, и неа не ја излажав. Ѝреков: Од десеттата година свирам хармоника, ама  пусто не ми одеше пеењето оти не ги фаќав високите тонови. Врескаше во канцеларија. Си заминав. Две недели после тоа беше апсењето“.

    „Тато, ти си мојот херој. Не дозволувај да ти го направат тоа што го наумиле! Пак ќе бидеме заедно сите, сега уште посилни од кога и да е. А тие, биди сигурен ќе се срамат за тоа што ни го направија“, му пишувала ќерката Стефанија на татко и Томче во тајното писмо пратено во Шутка замотано во весник. – (Фото: Ѓ. Личовски)

     

    Новинарот  Станковиќ во говорот рече: „Сите сме Кежо! Не сме, не сме де, да не се лажеме! Ајде да речеме дека сме сите Кежо. Сега Кежо си е Кежо, таму… сам“.

    Тој се заблагодари  на германската фондација, која обезбеди стипендија за Кежаровски од една година во Германија.

    „Но, останува горкиот вкус: Нели, наместо стипендист на ‘Хамбургер штифтунг фур политиш ферфолгте’ сепак подобро ќе звучеше на визит картата да пишува Кежаровски, новинар од било која редакција во Македонија“, рече Станковиќ.

    Тој  рече дека присуството на политичарите во салата го демантира тоа што досега го кажал.

    „Останува надежта дека кога ова општество конечно ќе почне редовно да застанува зад сите Кежовци, постапките како неговата, ќе станат урнек, модел за однесување пред насилството и безаконието. Можеби тогаш Македонија ќе се стори олрајт. И секако кога ќе се оствари слоганот на Шарената револуција за криминалците: ‘Че си лежите’“, рече Станковиќ.

    Промоцијата беше закажана за 18 часот, но, почна со задоцнување од 40 минути, поради каснењето на премиерот Зоран Заев, па организаторите се извинија за каснењето, објаснувајќи дека ова им било прва промоција и немале искуство.  Покрај премиерот, на промоцијата дојдоа и министри од владата и Народниот правобранител Иџет Мемети – (Фото: Ѓ. Личовски)

     

    Промотори на книгата беа ректорот на Универзитетот ФОН Нано Ружин, професорката Маја Стефановиќ, која  Кежаровски го спореди со еден од најпознатите руски писатели и дисидент Александар Солжењицин и новинарот Синиша Станковиќ.

    Новинарот Томислав Кежаровски  беше обвинет и осуден на 4,5 години затвор за наводно обелоденување на идентитет на заштитен сведок, кој самиот на суд призна дека дал лажен исказ под притисок на полицијата. Тој помина седум месеци во притвор во „Шутка“ и 15 месеци во куќен притвор. Книгата Кежаровски ја посвети на сопругата Марина и ќерката Стефанија.

    Г. ТРПЕНОСКИ

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира