ОСВОЈУВАЧКАТА НА ВИМБЛДОН ЈАНА НОВОТНА ПОЧИНА НА 49 ГОДИНИ

    ОСВОЈУВАЧКАТА НА ВИМБЛДОН ЈАНА НОВОТНА ПОЧИНА НА 49 ГОДИНИЈана Новотна го освои Вимблдон во 1998 година, една година откако загуби од Мартина Хингис во финалето (Фото: Ројтерс)

    Една од најдобрите чешки тенисерки на сите времиња Јана Новотна почина на 49-годишна возраст по долго и тешко боледување.

    „По долга битка со рак, Јана почина мирно, опкружена со своето семејство во родната Чешка“, соопшти Чешката тениска асоцијација.

    Новотна беше во врвот на светскиот тенис во 90-ите години од минатиот век, кога освои 24 ВТА-титули. Круна на нејзината кариера беше освојувањето на Вимблдон во 1998 година, една година откако загуби од Мартина Хингис во финалето. Таа, исто така, играше во финалето на Отвореното првенство на Австралија во 1993 година, кога загуби од Штефи Граф. Најдобриот пласман на ВТА-листата го достигна во јули 1997 година, кога изби на второто место. Две години подоцна се пензионираше и подоцна беше примена во Тениската сала на славните.

    „Јана беше голема инспирација за сите кои ја познаваа. Нејзината ѕвезда засекогаш ќе сјаи во историјата на тенисот“, изјави извршниот директор на ВТА, Стив Сајмон.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира