РОМАНОТ „НО-УИ“ НА ДИМКОВСКА Е МАКЕДОНСКИ КАНДИДАТ ЗА НАГРАДАТА БАЛКАНИКА

    РОМАНОТ „НО-УИ“ НА ДИМКОВСКА Е МАКЕДОНСКИ КАНДИДАТ ЗА НАГРАДАТА БАЛКАНИКАЗа романот на Лидија Димковска, една од најпреведуваните македонски автори и добитник на повеќе награди меѓу кои и Европската награда за литература во 2013, жирито смета дека е „роман-метафора, прегнантно срочено четиво за животот и смртта во кој взаемно се проникнуваат фиктивното и фактографското, историјата и совремието,домот и туѓината“

    Писателката Лидија Димковска со романот „Но- Уи“, во издание на „Или-или“ е национален кандидат за престижната регионална книжевна награда Балканика 2016. Издавачката куќа „Магор“, која е македонски претставник во Фондацијата Балканика, вели дека за изборот на Димковска одлучи комисијата во состав: Елизабета Шелева (претседател ), Лидија Капушевска – Дракулевска и Ермис Лафазановски.

    Лидија Димковска е една од најпреведуваните македонски автори и добитник на повеќе награди меѓу кои и Европската награда за литература во 2013. Живее и работи во Словенија.

    Структуриран како дневнички записи во кои хронотопски се вкрстуваат историското време и современоста, Сплит и Сицилија, животите на бабата и внуката кои имаат идентично и мошне симболично име – Неда, романот Но-Уи’ промовира една исклучителна култура на сеќавањето, имплицира потрага по идентитетот, дава вонредна слика за миграциската психологија и за копнежот по вдоменост во јазикот и културата. Романот ‘Но- Уи’ е новела за животот на луѓето со ‘погрешни’ потекла (или, погрешно транскрибирани имиња), кои мораат успешно да се прикриваат, или, доживотно и макотрпно да се правдаат, не само пред другите, туку и пред себеси“, стои во образложението на жирито.

    Во националниот избор за претставник за наградата Балканика, од издавачките куќи и самостојните публикувани автори биле пријавени 14 книги, а во најтесен избор биле и книгата „Круг“ на Димитар Башевски, и „Бродот Конзархија“ на Томислав Османли.

    Годинава, Балканика 2015 и Балканика 2016 (две жирирања и доделувања на наградата) ќе се одржат во една книжевна манифестација во декември во Скопје.

    Балканика е една од најзначајните книжевни награди во регионот, која се доделува од 1996. Во Фондацијата Балканика членуваат издавачки куќи од 7 балкански држави: Македонија, Србија, Албанија, Бугарија, Грција, Турција и Романија.

    Досега, двајца македонски автори, Венко Андоновски и Александар Прокопиев, ја имаат добиено Балканика.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира