ОБОЕНО ПОРТОКАЛОВО, СОБРАНИЕТО ПОЧНА КАМПАЊА ПРОТИВ НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНИТЕ

    ОБОЕНО ПОРТОКАЛОВО, СОБРАНИЕТО ПОЧНА КАМПАЊА ПРОТИВ НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНИТЕПред да заврши манифестацијата, светлото во собраниската „Кристална сала“ се изгасна, присутните гости ги запалија светлечките беџови и Кристалната сала во Собранието беше осветлена со портокалова боја во очест на кампањата „16 дена активизам против родово насилство“. Сопругата Зорица на премиерот Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери и постојаната координаторка на ООН во Македонија Луиза Винтон (Фото: М. Златевска)

    Собранието на Република Македонија вечерва беше осветлено во портокалова боја, како поддршка на глобалната кампања за ставање крај на насилството врз жени и девојчиња. Кампањата „16 дена активизам против родово насилство“ има за цел да ја подигне свеста и да поттикне конкретни чекори кои ќе помогнат да се стави крај на насилството врз жените и девојчиња.

    „Во нашето општество сè уште се присутни предрасудите и стереотипите кога станува збор за родовата рамноправност, сè уште е присутно семејното насилство и други негативни појави во кои жртви се жените и девојките. Собранието најмногу може да придонесе и да одигра значајна улога во борбата против оваа појава користејќи ги механизмите кои ги има на располагање според Уставот, Законот и собранискиот Деловник“, рече претседателот на Собранието Талат Џафери.

    Премиерот Зоран Заев порача дека никој не треба да биде изоставен и дека треба да се стави крај на насилството врз жените и девојките.

    „Насилството врз жените е кршење на човоеквите права. Ние како Влада работиме на јасни законски решенија со кои што се спречува насилството и се штитат жените жртви на насилтво. Донeсовме одлука за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулска конвенција)“, рече Заев.

    Постојаната координаторка на ОН во Македонија Луиза Винтон ја цитираше изјавата на на генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш,  дека „насилството врз жените во основа се однесува на моќта и тоа ќе сопре само кога родовата еднаквост и целосното јакнење на жените ќе станат реалност“.

    Во Македонија, според податоците, секоја трета жена е жртва на физичко или сексуално насилство, а половина од жените биле изложени на сексуално вознемирување.

    Пред да заврши манифестацијата, светлото во собраниската Кристална сала се изгаси, присутните гости ги запалија светлечките беџови, и целата сала во Собранието беше осветлена со портокалова боја.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира