Поранешниот директор на МОБ Игор Дурловски доби 30 дена притвор од Основниот суд Скопје 1 на барање на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, потврдија од Судот за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Дурловски, еден до тројцата водачи на „За заедничка Македонија“ што го предводеше упадот на учесниците во протестот и насилниците во нивните редови на 27 април во Собранието, е еден од 36-те осомничени во истрагата на обвинителството за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, за кое што најмалата казна е 10 години затвор.
Дурловски беше приведен утринава и донесен на распит кај судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1. По неколкучасовен распит, судот му одреди притвор. Обвинителството бара притвор за сите 36 осомничени.
Г. ТРПЕНОСКИ