БИТОЛА НА ПРОТЕСТ ПРОТИВ ШЛЕПЕРИ И КАМИОНИ ШТО МИНУВААТ НИЗ ЦЕНТАРОТ

    БИТОЛА НА ПРОТЕСТ ПРОТИВ ШЛЕПЕРИ И КАМИОНИ ШТО МИНУВААТ НИЗ ЦЕНТАРОТПовеќе од една година товарните возила транзитираат низ центарот на градот, откако поради одрони обиколницата над Битола е затворена за сообраќај (Фото: СДК.МК)

    Камиони и шлепери долги повеќе од десетина метри се влечат низ најфреквентните битолски улици во центарот на градот. Поради метежот во сообраќајот, натовареноста и тесните улици возат со дваесет на час и прават застој во сообраќајот. Проблем не е само застојот, туку и тоа што низ ауспусите, посебно на товарните возила, излегува црн чад со загадувачи материи. Вака е повеќе од една година, откако поради одрони обиколницата над Битола е затворена за сообраќај, па товарните возила транзитираат низ центарот на градот.

    Мерната станица во центарот на градот и деновиве покажуваше за два и пол пати поголемо присуство на ПМ 10 честички од дозволеното. Од 35 дозволени денови со поголеми вредности на ситна прашина од граничните, во Битола досега се измерени тројно повеќе, 106 денови.

    Иницијативата „Битола на точат“  денеска во 18 часот на плоштадот Магнолија организира собир под паролата „Сакаме европски велоград, а не за шлепери автопат“; – Претходната власт подолго време најавуваше дека проектот за санирање на свлечиштата на обиколницата е готов и ќе почне да се реализира, но наместо тоа, останаа сообраќајните знаци за забрането минување (Фото: СДК.МК)

    Иницијативата „Битола на точат“ денеска  во 18 часот на плоштадот Магнолија организира собир под паролата „Сакаме европски велоград, а не за шлепери автопат“. Бараат поотикнувачки мерки за вело транспорт, но и ограничкувачки мерки за типовите на транспорт кои загадуваат, прават метеж и се лоши по безбедноста на други учесници во сообраќајот.

    „Шлепери и други големи камиони транзитираат низ градот. Тие наместо да го заобиколат, ‘поканети’ се на градските улици бидејќи извесен период не се наоѓа решение за затворената обиколница. Повикуваме итно да се реши! Бараме надлежните во централното градско подрачје да го ограничат пристапот на товарни возила  само во одреден период во денот, а не да им се дозволува непречен пристап 24/7/365“, велат од „Битола на точак“.

    Никола Крстановски, професор за сообраќај и транспорт при Техничкиот факултет во Битола, вели дека  возилата учествуваат со 20 до 40 проценти во аерозагадувањето во градовите.

    „Затоа е значајно да се понудат и решенија во делот на сообраќајот и сообраќајното инженерство кои ќе помогнат во намалување на загадувањето на воздухот. Најкрупно решение би било градот Битола да изработи план за одржлив урбан транспорт. Таков план Општина Битола нема“, вели Крстановски.

    Од претходната власт подолго време најавуваа дека проектот за санирање на свлечиштата на обиколницата е готов и ќе почне да се реализира, но наместо тоа, останаа сообраќајните знаци за забрането минување.  Со доаѓањето на новата локална власт, последните недели започна санација на одроните со габиони, па се очекуваше патот да биде наскоро ставен во функција.  Меѓутоа, деновиве се појави уште едно свлечиште. Од Општината велат се интервенира и на него и не очекуваат тоа за многу да го оддолжи пуштањето во употреба на обиколницата.

    „Откако станав градоначалничка, првите чекори што ги презедов беа да го одблокирам застојот направен поради одроните на обиколницата. Делував преку нашето Комунално јавно претпријатие и нашиот Општински инспекторат да се санира застојот и да се отвори можноста што поскоро да се работи на обиколницата, зашто знаеме дека голем дел од возила влегуваат низ Битола и вршат дополнително загадување“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира