Докторот што со патничко моторно возило влечеше куче врзано за автомобил заработи кривична пријава, а кучето му е одземено. Струмичката полицијата, под притисок на јавноста по објавените фотографии против специјалистот хирург во струмичката болница поднесе кривична пријава за малтретирање животни.
„На 26 ноември, лицето К.З. кој има 61 година, со метален синџир го врзал своето куче за задната страна на возилото и го влечел животното од селото Борисово до продавницата во село Мокриево. Против него е поднесена кривична пријава за дело мачење животни“, стои во информацијата од СВР Струмица.
Против докторот, до струмичкото јавно обвинителство, кривична пријава поднеле и повеќе физички лица и граѓански организации, кои бараат одговорност за неговата постапка.
„Освен што поднесовме кривична, заедно со брат ми Томче и другарка нѝ Катерина побаравме и одземање на кученцето кое се вика Лаки. Утрово јавното обвинителство нѐ информираше дека кучето му е одземено и на наша иницијатива го однесовме во ветеринарна амбуланта. Лаки е истрауматизирано и имаше повреди од влечењето, кои полека му се санираат. Се договоривме со ветиринарниот лекар во наредните денови да биде под негов надзор и сместено во амбулантата се додека не му најдеме згрижувачко семејство кое вистински сака кучиња’’, вели Ленче Христова, која исто така поднела пријава против доктореот до обвинителството.
Во понеделникот се појавија фотографии и видео на социјалните мрежи како патничко моторно возило влече кученце во населеното место Мокриево. Јавноста го осуди чинот и побара институционална интервенција. Реагираа и од здружението за заштита на животните „Анима мунди“.
„Бараме најитно да се разгледа потребата од полиција за животни или наменска служба за превенција, евиденција и санкција за насилство врз животните затоа што тоа е растечки феномен и сериозна девијација во Македонија’’, реагираа од здружението.
В. ТРАЈКОВ