Собранието со мнозинство гласови „за“ го прифати барањето за одобрување притвор на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Јохан Тарчуловски (66 гласа „за“), Крсто Мукоски (67), Љубен Арнаудов (66), Сашо Василевски (67), Жаклина Пешевска (66) и на пратеникот од Социјалистичката партија Љупчо Димовски (67) на денешната седница. Барањето беше поднесено од надлежниот орган – Основен суд Скопје 1, Одделение за организиран криминал и корупција и сега судот може да пристапи кон одлучување по предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое што бара одредување мерка притвор за пратениците. Се гласаше поединечно за секој пратеник, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не присутвуваа на гласањето.
Шестмината пратеници се осомничени за кривичното дело за Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со организираниот напад во Собранието на 27 април. Минималната казна за ова кривично дело е 10 години.
При утврдување на дневниот ред, пратеникот Павле Богоевски побара двете точки со барања за одобрување притвор за по тројца пратеници, да се спојат во една, како што направи вчера Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, чиј што претседател е тој. Барањето беше прифатено.
Координаторот на СДСМ Томислав Тунтев пред гласањето кажа дека законите треба да важат еднакво и за пратеници и за обични граѓани.
„На 27 април, животите и здравјето на нашите колеги пратениици, вработените во Собранието и на новинарите беа загрозени.Она што се случуваше тој ден беше спротивно на сите морални, етички, но и најважно, законски прописи. Тој ден мора да биде расчистен за да можеме колку-толку оваа темна дамка да ја избришеме. Судот треба да може да одлучува и за пратеници како и за секој обичен граѓанин. Собраните мора да биде пример за враќање на правната држава. Ако пратениците се уверени во својата невиност, оваа одлука е во нивни интерес“, кажа Тунтев.
Е. БОЧВАРОВСКА