Изведувачите, надзорните органи и стручните служби во Министерството за култура и во други министерства ќе понесат одговорност за неквалитено градење на Македонскиот народен театар (МНТ) и во Археолошкиот музеј, рече денес министерот за култура Роберт Алаѓозовски. Тој рече и дека Министерството за култура ќе истражува кој и зошто не ги извел квалитетно градежните работи и ќе поднесе тужби за сите ситуации каде што функционирала криминалата мрежа на нестручно градење објекти.
Алаѓозовски и в.д директорот на МНТ, Драган Спасов-Дац денес пред медиумите ги покажаа местата каде тече во објектот изграден пред 4 години и чини 40 милиони евра.
Во задниот дел од сцената има две кофи, а таму протекува од покривот. Во фоајето, на левата страна на Театарот е поставена огромна кофа, а просторот каде што тече е зграден со црвена завеса. Таму, велат тие, тече од еден од балконите, бидејќи се собира вода.
„Тука лустерот е ‘сваровски’, но тече покрај него“, искоментираа тие.
Алаѓозовски рече дека врнежливото време предизвика алармантна состојба во културата, со проблеми со крововите кај постарите објекти, и со опасност од спој на вода и струја и протекување кај новите објекти од „Скопје 2014“ изградени покрај Вардар.
„Имаме ситуации каде дополнително се комплицира затоа што е крај на фискална година, па дури и тендери за итни работи не може да се спроведат. Им дадовме насоки на директорите како најбрзо и најитно да се справат со проблемите, а исто така и побаравме помош и донации од компаниите. Онаму каде сѐ уште постојат банкарски гаранции или каде полисите за осигурување го дозволат тоа, ќе ги активираме со дел да можеме со тие допонителни гарантирани мерки да собереме средства и да им помогнеме на институциите“, кажа министерот.
Дац вели дека има услови за работа во МНТ, и покрај протекувањето.
„Може да се работи, само ние криеме некои работи, за да го покриеме срамот“, рече директорот.
Алаѓозовски најави формирање на подкомисија на работната група на „Скопје 2014 “ која ќе се состои од градежни и машински инженери, како и од архитекти, кои треба да утврдат колку се безбедни тие објекти.
Б. НЕСТОРОСКА