Балони со боја летаа синоќа кон зградата на поранешна НИП „Нова Македонија“ каде што е сместена Државната изборна комисија. Демонстрантите од Шарената револуција се собраа пред ДИК оти на полноќ истече рокот во кој партиите требаше да ги поднесат листите со кандидати за избирачките одбори.
Во исто време се пуштаа и снимки од прислушуваните разговори од бомбите на опозицијата за изборните измами.
„Овде сме собрани за да и покажеме на Државната изборна комисија дека нема да дозволиме избори без прочистен избирачки список“, рекоа оргаанизаторите од „Протестирам“. Тие постетија дека 300.000 лица од списокот се со сомнителни записи и дека од предвидените 80.000 лица за теренска проверка, 40.000 не биле најдени дома.
Демонстрантите пишуваа пораки на асфалтот пред зградата, извикуваат „Нема правда, нема мир“, покажуваат среден прст кон просториите на ДИК и извикуваа „Ова да го пушите“. Со ласери светеа кон канцелариите на комисијата каде што од прозоците ѕиркаа неколку жени и со насмевки ги поздравија демонстрантите.
На вчерашниот протест во Скопје му се придружи и поранешниот евроамбасадор во Македонија, Ерван Фуере. Тој им се приклучи на демонстрантите пред зградата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
“Ги поддржувам овие луѓе кои достоинствено протестираат против кршењето на владеењето на правото и повредата на човековите права, кои се случуваат во земјата„ изјави поранешниот евроамбасадор.
Во моментот додека тој даваше изјава, пред СЈО се појави и специјалната обвинителка Катица Јанева, која бурно беше поздравена од насобраните граѓани. Таа само се насмевна и влезе во зградата каде што привремено е сместен нејзиниот тим.
Шарената револуција вчера собори рекорди по број на градови во кои се протестираше. Вчера за прв пат се протестираше во Делчево, а на улица, покрај скопјани, излезени беа и жителите на Штип, Велес, Прилеп, Тетово, Битола, Струмица, Радовиш, Гевгелија, Крива Паланка и Облешево.
Вчера повторно се активираа и провладините протести на невладиното здружение ГДОМ. Тие организираа протести со барање за избори на 5 јуни во Битола, Штип, Делчево, Тетово и Велес, а во Прилеп за малку бил избегнат инцидент помеѓу двете групи демонстранти.