Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, изјави дека одлуката на САД да го признае Ерусалим за нов главен град на Израел е објава на војна против Палестинците и повика на нова Интифада, односно востание.
Според него, Доналд Трамп со овој чин го убил израелско-палестинскиот мировен процес.
„Оваа одлука го уби мировниот процес, го уби договорот од Осло и ги уби шансите за мирен договор. Одлуката на САД е агресија, објава на војна против нас. Треба да се покрене нова Интифада против ционистичкиот непријател. Целиот Ерусалим е наш. Се наоѓаме во критичен момент за палестинското прашање, а срцето на прашањето е Ерусалим. Ова е провокативна и неправедна одлука на американската администрација“, кажа Ханија.
Тој ги повика сите палестински фракции да се обединат, со цел да „разработат стратегија против окупацијата и американската политика на територијата на Палестина“.
Првите насилни протести избија во Витлеем, а палестинските власти повикаа на општ штрајк на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.