Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ поднесоа 211 амандмани на Предлог-буџетот за 2017 година, од нив, во 200 се бара кратење на средства од Македонската филхармонија. И денес во Собранието заседаваше Комисијата за финансирање и буџет, на која што не присустуваат опозициките пратеници поради апсењата во врска со 27 април.
„Пратениците на опозицијата поднесоа 211 амандмани. Од нив, во 200 бараат кратење на средства од Македонската филхармонија. За таа истата филхармонија за која оставија огромен неплатен долг, за која, ако не го платиме долгот, треба да платиме преку 600 илјади евра камата. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат да се тргнат средствата. Ако ги соберете сите амандмани, ќе добиете збир од 135 милиони евра, а со буџетот се планирани 10 милиони евра, Тие предлагаат да се скратат 135 милиони. Ова е чист популизам, апсурд, а не конструктивен предлог во интерес на граѓаните“, рече пратеникот на СДСМ Јован Митрески, во образложението зошто се одбиваат амандманите поднесени од опозицијата.
На 12 септември, Министерството за култура кажа дека околу 15,5 милиони евра треба да се доисплатат на изведувачите за изградбата на новиот објект на Македонската филхармонија, а непосредно пред отворањето на објектот на 25 октомври, министерорт Роберт Алаѓозовски рече дека долгот ќе се исплаќа етапно. Вкупно, новата зграда на Македонската филхармонија чини речиси 33 милиони евра.
Пратеникот Митрески рече дека парламентарното мнозинство не отстапува од идејата за политички дијалог, за соработка со опозицијата и другите чинители во општеството. Досега пратеничкото мнозинство има разгледано над 250 амандмани од поднесените 279. Се очекува расправата по новиот буџет за 2018 година во собраниската Комисија за финансирање и буџет да заврши денес.
По завршување на расправата, буџетот заедно со прифатените амандмани ќе оди во Владата, каде ќе се вметнат прифатените измени и за три дена ќе го врати повторно во Собранието.
Комисијата вчера прифати четири амандмани од поднесени од ВМРО-ДПМНЕ,и два од Движењето Беса.
Г. ТРПЕНОСКИ