ВО ЦЕЛ СВЕТ СЕ ЗГОЛЕМУВААТ, КАЈ НАС СЕ КРАТАТ ПАРИТЕ ЗА ФИЛМ, ПРОТЕСТИРААТ ФИЛМАЏИИТЕ

    ВО ЦЕЛ СВЕТ СЕ ЗГОЛЕМУВААТ, КАЈ НАС СЕ КРАТАТ ПАРИТЕ ЗА ФИЛМ, ПРОТЕСТИРААТ ФИЛМАЏИИТЕФилмските работници предложија средба со Агенцијата за филм и со министерот за култура и оттаму им одговорија дека таа ќе се одржи в понеделник

    Филмските работници од Македонија со протест пред Министерството за култура реагираа на најавеното кратење на буџетските средства за филмската дејност за наредната година, повикувајќи на преговори и повторно разгледување на оваа одлука. Педесетина филмски работници застанаа зад писмото што беше прочитано пред Министерството, кое најави дека македонскиот филм за 2018 ќе добие четири отсто помалку средства од лани.

    „Со ова писмо, ние, филмските професионалци од Македонија, независни филмски автори и продуценти и слободни филмски работници го изразуваме нашиот револт кон одлуката на Министерството за култура во предлог-буџетот за 2018 година да направи кратење на средствата наменети за филм, и тоа во времето кога во целиот свет, а особено во Европската Унија, буџетите за филм постојано се зголемуваат. Нашата филмска продукција е во развој. Ние сме свесни дека и меѓу нас има дела кои се промашувања, како и заталкани поединци и профитери, особено во последните десет години, но има и автори, кои се претставуваат на најпрестижните филмски фестивали. Кратењето на средствата за филм во време кога државниот буџет се зголемува е директен удар за нашата, и онака кревка филмска продукција. Аргументите дека и со помалку пари се прават добри филмови се точни, но како исклучок. Аргументите дека пари се давале, а се правеле лоши филмови се исто така точни, но важат за други времиња, кога тие се даваа со политичка одлука, а токму против тоа голем дел од нас се бореа. Затоа, најљубезно ве молиме и од вас очекуваме да ја преиспитате оваа одлука“, стои, меѓу другото, во писмото на филмските работници.

    Тие предложија средба со Агенцијата за филм, чиј директор Горјан Тозија-Медо беше присутен на протестот, и со министерот за култура и оттаму веднаш им одговорија дека таа ќе се одржи в понеделник.

    „Не сме на различни страни. Навистина ми е мило што по долги години молк се случи еден ваков протест. Вашите желби се заеднички и Министерството ќе ве поддржи во вашите барања за достоинствена работа. Вистина е дека Агенцијата годинава доби помалку средства од лани, но треба да имаме превид дека токму преку буџетот на Агенцијата се создаваа политички мотивирани дела и се правеа злоупотреби. Најдобар пример е серијата „Македонија“, која доби четири милиони евра, по што бројот на епизоди незаконски беше намален од 130 на 80, а не ни почна да се реализира“, одговори портпаролот на Министерството за култура, Петрит Сарачини.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира