Делегатите на вонредниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово собрале 1.300 денари во кутијата за помош на, како што ги нарекуваат, „неправедно притворените уставобранители од 27 април 2017 година“. Според делегати присутни на конгресот, кои се согласија да зборуваат под услов да останат анонимни, донирале четворица, од кои еден оставил илјадарка, а другите тројца по стотка.
Кутијата за донации беше поставена пред влезот на Домот на култура „25 мај“ во Валандово, но над 400 делегати, колку што присуствуваа на конгресот на 22 и 23 декември, само ја одминуваа, без да стават пари. Првиот ден кутијата беше поставена десно од влезот, а вториот ден беше преместена од левата страна веднаш до влезната врата. Првиот ден собрале 1.100 денари, а вториот ден уште 200 денари.
Партиски извори за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека кутијата била симболично поставена и не била изрекламирана меѓу делегатите, затоа што поважна била Резолуцијата за осуда на сите политички прогони на Специјалното јавно обвинителство и на Основното јавно обвинителство, изгласана на конгресот во Валандово.
Резолуцијата ја прочита Дијана Трнталовска, една од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, која претходно беше потпишана на иницијативата за одложување на конгресот поднесена од видни партиски функционери, но се премисли и учествуваше на конгресот.
„Тоа е груба злоупотреба и притисок врз судството и врз судските постапки на СДСМ, која се базира на омраза, реваншизам а не врз правна основа. Партиските органи да направат ревизија на сите постапки на неоснованиот политички прогон и ако утврди дека нема одговорност, да се казнат чинителите за неоснованиот прогон“, стои во резолуцијата.
На конгресот во Валандово беше констатирана оставката на долгогодишниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, а за нов лидер беше избран Христијан Мицкоски, кој беше единствен кандидат.
Осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста се 36 лица кои учествуваа во организираниот напад на Собранието на 27 април. На секој од осомничените од солидарната акција на Конгресот му следува по 36 денари.
Г. ТРПЕНОСКИ