ФИЛИПЧЕ ПAK ЌЕ ГИ СПОЈУВА СКОПСКИТЕ КЛИНИКИ ВО ЕДЕН КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР

    ФИЛИПЧЕ ПAK ЌЕ ГИ СПОЈУВА СКОПСКИТЕ КЛИНИКИ ВО ЕДЕН КЛИНИЧКИ ЦЕНТАРОсвен скопските клиники, министерот за здравство најави дека ќе се спојуваат и здравствени установи во Кочани, Гевгелија и Дебар. - Министерот Филипче (Фото: М. Златевска)

    Скопските клиники повторно ќе се спојуваат во еден клинички центар, најави новиот министер за здравство Венко Филипче. Тој кажа дека на тој начин сакаат да ги намалат трошoците што сега ги има за посебни управни одбори и директори на клиниките. Со спојување на клиниките во еден центар ќе се централизираат и набавките на лекови и потребни материјали за работа за сите клиники.

    „Има идеја за интегрирање на клиничкиот центар , во форма во која претходно функционираа како клинички центар. Ова ќе го правиме за да се намалат трошоците и да се олесни функционирањето. Сега има различни трошоци, 30 клиники и управни одбори, втори директори, разни комисии за набавки, што мислиме дека апсолутно е непотребен трошок кој може да го скратиме и да одиме во насока на интегрирање на здравствениот систем“, кажа Филипче.

    По спојувањето на клиниките, нема да има одделни директори на секоја клиника, туку само раководители. Министерот кажа дека во владина процедура е пилот проект за интегрирање и на здравствени установи во другите градови во земјава, а првично овој проект ќе се спроведе во Кочани, Гевгелија и Дебар.

    „Во овие градови на пример во истиот двор функционираат и болница и здравствени дом, а во Дебар во иста зграда функционираат со различни директори, и со различни управни одбори. Сметаме дека ова е апсолутно непотребен трошок, но и ќе се подобрат здравствените услуги што ги добиваат граѓаните. Овој пилот проект ќе почне наскоро“, кажа Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира