Претседателот на Советот на Општина Кавадарци Ристо Сакалиев денеска се качи на магаре во кавадаречкото село Бегниште, на прославата на Василица со традицијата на џоломарите кои со обредни игри ги бркаат злото и лошите духови, правејќи пат на здравјето, среќата и бериќетот. Сакалиев на локалните избори за советник беше независен кандидат од група избирачи, во Кавадарци градоначалник е Митко Јанчев од ВМРО-ДПМНЕ, а на прашањето дали бркањето на злото значи дека и на политичката сцена ќе се смират духовите, тој одговори дека очекува само добри работи да му се случуваат на градот, а на политички план работите одат нанапред и сите политичари работат во интерес на Општината.
Василица денеска се славеше во селата Бегниште, Ресава, Дреново и Сопот.
Традицијата на маскирање на луѓето во џоломари за да се избркаат лошите духови и да се внесе позитивна енергија во животот, направија Кавадаречко да биде надалеку препознатливо по кожувчињата, клопотарците, стаповите и со саѓи исцрнетите лица на џоломарите. Кожувчињата и клопотарците се пренесуваат во наследство од татко на син, од дедо на внук. Ги облекуваат стари и млади и сите заедно ја прераскажуваат прекрасната приказна која се верува дека носи здравје, бериќет и среќа.
С. ДАРУДОВA