Со скандирање „Затовор не ти бега Никола“ и „Се гледаме утре во исто време“ шарените револуционери почнаа да си заминуваат од пред Управата за јавни приходи. Со балони полни поликолор во различни бои и пушки на вода полни со боја, шарена стана и фасадата на Управата за јавни приходи. Антивладините демонстранти ја обоија фасадата, слушаа снимки од бомбите за трошењето на народните пари и извикуваа дека оваа власт ги задолжила и неродените.
Демонстрантите и вечерва ги заштитија од боја полицајците. Пред балоните и пушките со боја застанаа демонстрантите кои го носеа најголемиот транспарент на кој пишуваше „Трошите за чоколади, а ние немаме ни за леб“ и го креваа високо при секој налет на боја.
Прва станица на демонстрантите беше Министерството за труд и социјална политика на кое ставија налепници „Пломбирано“ и мирно продолжија покрај Собранието на Република Македонија до Управата за јавни приходи.
Шарената револуција носеше и транспарент „Ограбената топла доаѓа“ оти вечерашните протести ги посвети на јавниот долг. Последниве седум години, според „Протестирам“, јавниот долг е двојно поголем од инвестициите. Организаторите го наведоа зголемувањето на јавниот долг во случај некому да му треба посебна причина за да излезат на протест.
„Јавниот долг за времето на оваа влада порасна за 2 и пол милијарди евра. Во последните 5 години, Владата се задолжува 15 евра секоја секунда, 52 илјади евра секој час, 1 милион и 250 илјади евра секој ден. Оваа влада го задолжи секое домаќинство во Македонија за 4455 евра, и секој од нас за 1240 евра. Овие бројки одовде само ќе растат. Со секој нивен ден на власт, ние сме се посиромашни и позадолжени“, напишаа оргнаизаторите на Фејсбук страницата.
Движењето „Протестирам“ организира демонстрации ширум Македонија од 12 април. Демонстрантите бараат повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), итна и неотповиклива оставка на претседателот Ѓорге Иванов, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата и формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.