НЕ МОЖЕ ДА СЕ ОШТЕТИ ВЕЌЕ ОШТЕТЕНА ФАСАДА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО СЕ ОТКАЖА ОД ГОНЕЊЕ НА ПРАТЕНИКОТ ПАВЛЕ БОГОЕВСКИ

    НЕ МОЖЕ ДА СЕ ОШТЕТИ ВЕЌЕ ОШТЕТЕНА ФАСАДА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО СЕ ОТКАЖА ОД ГОНЕЊЕ НА ПРАТЕНИКОТ ПАВЛЕ БОГОЕВСКИБојата со која беше испрскана зградата на Министерството за култура се вади со вода и со сапун, а пребојосувањето нарачано од Канческа - Милевска е огромна штета и кривично дело врз овој споменик на културата, тврди адвокатот на Богоевски, кој бара кривична одговорност од ексминистерката. Пратеникот Богоевски беше во ударната единица на Шарената револуција за боење - од „нападот“ на Собранието пролетта 2016 година (Фото: СДК.МК)

    Судскиот процес што се водеше во Основниот суд Скопје 1 против пратеникот Павле Богоевски од Шарената револуција се стопира на барање на Обвинителството. Тоа констатира дека фасадата на зградата на Министерството за култура, која е прогласена за споменик на културата, била оштетена на незаконит начин уште пред Богоевски и групата шарени револуционери да ја испрскаат со боја за време на протестите против аболицијата на криминалците што ги гони СЈО од страна на претседателот Ѓорге Иванов.

    Како што објаснува Ѕвонко Давидовиќ, адвокат на Богоевски, Министерството за култура под водство на тогашната министерка Елизабета Канческа – Милевска, направило две гршки кои се косат со законите.

    По прскањето на дел од фасадата со боја, Канческа – Милеска не смеела самоиницијативно да нарачува вештачење за утврдување на штета. Таа тоа го стори и според наодите на вештаците, беше утврдена штета од 461 илјади денари, на која базираше обвинението против Богоевски, кое лани го покрена обвинителството на Марко Зврлевски.

    Единствена надлежна институција која е надлежна за утврдување на штети кај објекти прогласени за споменици е Заводот за конзервација.

    Подоцна, кога Заводот формирал комисија, утврдил две работи: по фрлањето боја од Богоевски и останатите, зградата незаконски била пребојосана по нарачка на  Министерството за култура , која кога ќе се вади, ќе предизвика штета на оригиналната фасада. Второ, тврди адвокатот, бојата што се користела во Шарената револуција се мие со вода и сапун, што би чинело најмногу 15 илјади денари.

    „Не може да се оштети веќе оштетена фасада“, објаснува адвокатот зошто е повлечено обвинението против неговиот клиент.

    Богоевски ќе поднесе кривична пријава против Канческа – Милевска ако тоа не го стори Обвинителството по допрен глас или по службена должност. Ако не го стори тоа, вели адвокатот, Обвинителството прави кривично дело прикривање на сторители и непреземање дејствија .

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира