Откако во минататото беше главна сцена за геополитичко договарање и домаќин на најгламурозните ѕвезди на 20-тиот век, сега пропаднатата јахта на поранешниот претседател на Југославија, Јосип Броз Тито , наскоро ќе стане музеј.
“Галеб” своевремено беше најславната икона на Југославија, носејќи го харизматичниот комунистички претседател на средби низ целиот свет , со гости како Елизабет Тејлор, Софија Лорен и десетици шефови на држави.
По смртта на Тито во 1980 година, како што федерацијата се распаѓаше во серија крвави војни, така и „Галеб“ почна да гние.
Хрватскиот пристанишен град Риека, кој го купи бродот пред речиси една деценија, планира да го трансформира во атракција , по повод титулата Европска престолнина на културата во 2020 година.
“Брод со таква историја може да биде извонредна знаменитост за нашиот град“, изјави за АФП градоначалникот на Риека, Војко Оберснел.
Изграден во 1938 година во Џенова, Италија, за транспорт на банани од Африка, „Галеб“ – тогаш наречен “Рамб 3“ – бил распореден во Втората светска војна од страна на Италијанците и погоден со торпедо од Британците во 1941 година.
Бил поправен, но подоцна одземен од германските сили, кои на него поставиле минофрлачи. Во 1944 година во Риека бил потопен од сојузничките бомбашки напади.
Бродот од 117 метри беше изваден од морето и стана официјална јахта на Тито по војната.
„Бродот на мирот“, како што и беше познат, првпат го привлече светското внимание во 1953 година, кога го пренесе Тито до Темза во Лондон за да се сретне со Винстон Черчил, за првата посета на шефот на комунистичката држава во Британија.
„Галеб“, исто така, одигра важна улога во Движењето на неврзаните, основано од Тито и водачите на Индија, Индонезија, Гана и Египет како реакција на доминацијата на САД и на Советскиот Сојуз за време на Студената војна.
“На овој брод навистина се одржаа најважните разговори во врска со тоа политичко движење”, рече Кристина Павец, кустос во Градскиот музеј во Риека, под чија надлежност е проектот.
Гледајќи денес во „Галеб“, тешко е да се замисли една ера во која претседателите, кралското семејство и холивудските ѕвезди седеле на неговите палуби.
Столиците од средината на минатиот век лежат расфрлани околу главниот салон, полни со прашина, кофата ја собира водата која проетекува од таваните, кои се пред распаѓање.
Меѓу подобро зачуваните делови на бродот се кабините на Тито и неговата сопруга Јованка.
“Целиот мебел е оригинален и ќе се обидеме да го зачуваме во неговата изворна состојба, за да го претставиме животот на бродот колку што е можно поавтентично”, рече Павец.
Градот планира да потроши 40 милиони куни (5,4 милиони евра) од средствата на ЕУ за обновување на „Галеб“ како пловечки музеј, а неколку четвртини ќе бидат понудени на концесија за хотел или ресторан.
Градоначалникот доби негативни реакции за проектот, бидејќи Тито во Хрватска е многу поконтроверзен отколку во другите поранешни југословенски републики.
Во септември, главниот град Загреб, под притисок на националистите, му го одзеде името на починатиот лидер од еден познат плоштад.
Хрватските конзервативци, кои се понагласени во последниве години, сакаат да го минимизираат наследството на Тито, кое го поврзуваат со доминацијата на Белград во поранешната југословенска федерација.
“Целта е да се зборува за историјата околу Југославија и Хрватска – и да се раскаже приказната за многу турбулентното минато на бродот“, рече градоначалникот.