Музејот на современата уметност (MоMA) во Њујорк објави дека летово ќе има изложба која ја истражува архитектурата на поранешна Југославија. „Кон бетонската утопија: Архитектурата во Југославија, 1948-1980“, ќе биде првата голема американска презентација на делата создадени за време на 45-годишното постоење на земјата.
Со над 400 цртежи, модели, фотографии и филмски снимки од различни општински архиви, MoMA ги претставува извонредните изградени дела на водечките социјалистички архитекти на поранешната земја.
Архитектурата од овој период се движи од облакодери од интернационален стил до бруталистичките „социјални кондензатори” кои го манифестираат радикалниот плурализам, хибридност и идеализам што преовладуваа во југословенската држава.
Изложбата во МоМА ќе ги истражи темите на голема урбанизација, технолошко експериментирање, потрошувачка, споменици и меморијализација, како и севкупниот глобален дострел на југословенската архитектура.
Делата на важни архитекти како што се Богдан Богдановиќ, Јурај Нејдхардт, Светлана Кана Радевиќ, Едвард Равникар, Вјенчеслав Рихтер и Милица Штериќ ќе бидат изложени со нагласување на единствениот спектар на форми произведени во овој временски период.
Изложбата ќе се отвори на 15 јули, а ќе трае до 13 јануари, 2019.