Жената која попладнево скокна во Вардар била извадена од реката од нејзиниот татко и потоа била однесена во Градската општа болницата „8 Септември“, каде што ќе биде задржана на психијатрија.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека во 13.30 часот во Единицата за информирање и команда било пријавено дека во водите на Вардар било забележано женско лице.
„Екипите на МВР констатираа дека затекнатото женско лице М.А. 27 години била извадена од реката од нејзиниот татко М.А. 45. Со возило на Брза помош била пренесена во болницата 8 септември“, велат од МВР.
Од болницата 8 септември велат дека жената нема видливи повреди, има лесна хипотермија од студената вода и дека е во релативно стабилна состојба.
„Ја прегледа интернист и утврдивме дека не е повредена. Во моментов ја прегледува психијатар и ќе ја задржиме во болница“, вели Влатко Алексов, шеф на Ургентен центар во болницата „8 Септември“.
Попладнево жена скокна во Вардар кај Камениот мост, по што веднаш по неа скокнаа двајца мажи кои беа во близина, по што откако ја извадија ја тепаа и ѝ викаа.
А. АНТЕВСКА