Европскиот ракометен првак Вардар објави дека Шпанецот Роберто Гарсија Парондо ќе биде тренер на екипата од наредната сезона.
Тој ќе го наследи својот сонародник Раул Гонсалес, кој на лето се сели на клупата на Пари Сен-Жермен.
Триесет и осумгодишниот Парондо ќе биде префрлен од женската екипа на Вардар, кадешто сега ја има функцијата на помошен-тренер, истата улога што ја имаше и во македонската репрезентација на неодамнешното Европско првенство во Хрватска.
Како и Гонсалес, и Парондо лани пристигна во Вардар без значајно тренерско искуство, директно откако ја заврши играчката кариера во Унгарија. Како играч, тој двапати ја освоил Лигата на шампионите со Сиудад Реал.
Парондо, кој потпиша двегодишен договор, ќе има тешка задача да продолжи по стапките на Гонсалес, бидејќи некои од главните играчи веќе најдоа нов клуб за наредната сезона, како Штербик, Циндриќ и Абутовиќ.
Г. КОНЕВ