Специјалниот пратеник на Aгенцијата за бегалци на Обединетите нации Анџелина Џоли го повика НАТО да помогне да се запре користењето на сексуално насилство како оружје во војните.
Холивудската актерка, која неделава го посети сирискиот бегалски камп во Јордан, го поднесе ова барање до највисокото тело за носење одлуки во Алијансата, Северно-атлантскиот совет во Брисел, а подоцна и до воените команданти на НАТО.
„Насилството врз жените и децата, особено сексуалното насилство, се зголемува во конфликтите“, кажа Џоли на заедничката прес-конференцијата со генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг во седиштето на НАТО.
„Силувањето се користи како оружје за да се постигнат воени или политички цели. Тоа ги погодува и мажите и момчињата, исто како и жените и девојчињата“, кажа Џоли.
НАТО, која има 29 земји членки и има мисии во Косово и Авганистан, се согласи да помогне со извештаите за сексуално насилство за време на војна и да помогне насилниците да бидат изведени пред лицето на правдата, како и да ја оспори идејата дека силувањето е неразделен аспект на конфликтите.
Џоли, која е мајка на шест деца, лани го промовираше нејзиниот филм „Тие прво го убија мојот татко“ за режимот во Камбоџа во 70-тите години од минатиот век, кажа дека се сретнала со жртви на сексуално насилство во конфликт и дека се обидува да биде нивниот глас.
Изразувајќи фрустрација што нема соодветна помош за жртвите, Џоли кажа дека се надева дека НАТО може да помогне со зголемување на стандардите кај другите воени сили преку програми за воена обука во странство, и исто така со промоција на улогата на жените во војската
Џоли ги издвои страдањата на бегалците од Рохинџа од насилствата во Мјанмар, и кажа дека многу влади во светот на нив одговориле несоодветно.
„Многу сум загрижена за Рохинџа, многу сум лута на одговорот. Загрижена сум за приказните на десетгодишни девојчиња, кои се силувани. Сите треба да им подадеме рака, без оглед колку малку можеме да направиме“, рече таа.