СРПСКИ ЗАТВОРЕНИЦИ СЕ ГРИЖАТ ЗА КУЧИЊА СКИТНИЦИ

    СРПСКИ ЗАТВОРЕНИЦИ СЕ ГРИЖАТ ЗА КУЧИЊА СКИТНИЦИОколу дванаесетмина затвореници досега помогнале во згрижувањето на 260 кучиња, од отворањето на засолништето во ноевмри во затворот во Сремска Митровица. (Фото: АП)

    Во најголемиот српски затвор, некои од затворениците се опкружени со радоснo лаење и лижење од кучиња скитници.

    Затворот во Сремска Митровица, северозападно од Београд, има изградено засолниште за кучињата скитници во внатрешноста на затворот и им побарал на група затвореници да се грижат за кучињата.

    Овој потег е дел од проектот со локалните власти направен за поттикнување на ресоцијализацијата на затворениците, притоа решавајќи еден голем проблем на градот, а тоа се кучињата скитници.

    Околу дванаесетмина затвореници досега помогнале во згрижувањето на 260 кучиња, од отворањето на засолништето во ноевмри. Ги хранат, ги шетаат и тренираат и им го одржуваат чисто засолништето.

    „Го правиме токму истото што би го правеле со сопствените кучиња“, изјави еден од затворениците, Радомир Ѓаковиќ. „Работата со животни е прекрасна, прави времето да ни лета многу побрзо.“

    Управата на затворот вели дека клучната цел на проектот е развивање на емпатија и нови вештини кај затворениците кои можат да им бидат од голема корист  во иднината, имајќи предвид дека живеат изолирани од надворешниот свет.

    Проектот е поддржан од Организација за безбедност и соработка на Европа во склоп на помошта за реформи на Балканската држава, додека таа бара влез во Европската Унија, по неколку кризни години во 1990-ите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира