Премиерот Зоран Заев кажа дека како Влада ќе направат сè за да изнајдат решение на спорот со името, но не по секоја цена, а за промена на Уставот, како што бара Грција, рече дека тој е веќе променет во 1993 година.
„Став на Владата е дека е прифатливо име со географска одредница. Тоа го темелам на внатрешната дебата која што ја имаме во Македонија. Достоинството и идентитетот се важни, јас сум убеден дека Македонија може со консензус по ова прашање да најде решение во интерес на иднината“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција за 10-годишната стратегија за спортот.
На прашање дали решението вклучува промена на Уставот на Македонија, Заев рече дека тоа се ставови на Грците, но дека ние во Македонија имаме други ставови и услови.
„Македонија го промени својот Устав во 1993 година и тоа е голем чекор. Во моментот сè што правиме е да докажеме дека Македонија нема никакви аспирации, иредентистички побуди. Многу е важно да успееме, мило ми е што имаме пријателски односи. Секако постојат радикални структури и тука и во Грција, но треба да направиме се да се изнајде решение“, изјави Заев.
Тој најави дека веќе следната недела најверојатно ќе има средба помеѓу министрите за надворешни работи на двете земји.