Учениците од ОУ „Григор Прличев“ од Охрид се вклучија во светската кампања за подигање на свеста за ретките болести. Тие пред два дена на прославата на патронатот на училиштето својот настап им го посветија на другарчињата со ретки болести, а на лицата ги насликаа боите на ретките болести. Кампањата за подигање на јавната свест ќе трае цел месец, се до 28 февруари кога е и Светскиот ден на ретки болести.
„Годинава кампањата се одвива под мотото ’Покажи ја својата реткост, покажи дека се грижиш‘. Во текот на цел февруари ќе имаме активности за подигање на јавната свест дека меѓу нас се и лицата со ретки болести, и дека ако општеството им подаде рака, тие може повеќекратно да му вратат“, вели Гордана Лолеска, од Охрид активист на здружението за ретки болести „Живот со предизвици“.
Таа вели дека во кампањата освен учениците од основните и средни училишта се вклучиле и сите спортски клубови од Охрид, како и членовите на Црвениот крст.
Денот на ретки болести се одбележува по 11 пат, а кампањата годинава е интерактивна со тоа што луѓето ги цртаат лицата со боите на ретките болести, прават селфи и ги објавуваат на социјалните мрежи, како поддршка на лицата со ретки болести.
„Изненадена сум и задоволна што многу охриѓани ја прифатија кампањата, оти многу е важно лицата со ретки болести да ја имаат поддршката од заедницата во која живеат“, вели Лолеска.
Е. БОЧВАРОСКА