Ги нема муралите од легендарниот уметник Петар Мазев во неговото родно Кавадарци, кои би требало да се гордост на градот. На фотографија од 1964 од фототеката на кавадаречката Музеј галерија, се гледа чекалната на старата автобуска станица, позната по муралот или ѕидната слика на Мазев. Имало уште еден мурал во поранешна продавница за текстил во центарот на градот. Двата објекта во кои биле муралите низ годините се пренаменувале и ги менувале сопствениците, па муралите ги нема.
„Тоа е навистина штета за градот“, смета историчарот Петре Камчевски, долгогодишен директор на кавадаречкиот Музеј.
„На различни страни од светот има сопственици на дела од Мазев, а неговиот роден град дозволи да остане без белегот што го оставил големиот уметник, како печат за едно време“, вели Камчевски.
Неофицијално, едниот од муралите можно е во изминатиов период да бил покриен со ролопласт, бидејќи наводно не се нашла доблест да се вкомпонира во амбиентот. Можеби уште постои, ако во меѓувреме не е направена некоја реконструкција. Тој мурал ја покривал целата површина на ѕидот, отприлика шест на четири метри.
Денеска се навршуваат 91 година од раѓањето на големиот македонски ликовен уметник и педагог Петар Мазев, роден во 1927. Почина во Скопје на 13 март 1993.
„Уште како дете ги восхитувал постарите кавадарчани на кои со парче ќумур им цртал портрети, по што го добил и прекарот Ќуќо. Мазев заедно со Никола Мартиновски се најеминентните наши претставници на експресионизмот. Дипломирал на Ликовната академија во Белград 1953, по што работи како сценограф во Куклениот театар во Скопје, а подоцна како асистент на Педагошкиот факултет во Скопје. Мазев е еден од главните иницијатори за основање на Факултетот за ликовна уметност (ФЛУ) во Скопје. Бил член на авангардната група ‘Мугри’. Имал самостојни изложби во Белград, Загреб, Љубљана, Париз Њујорк, Цирих, Минхен и други места. Во 1960-те години Мазев го напушта експресионизмот и преминува во доменот на енформелот со апликации на македонското поднебје. Во 1970-те повторно се враќа на експресионизмот, практикувајќи го до крајот на животот”, вели Камчевски.
Мазев изработил и голем број мозаици и мурали. Негови дела имаат голем број приватни колекционери во светот.
С. ДАРУДОВА