РЕИЗБОРОТ НА МАРЈАН ЦВЕТКОВСКИ ЗА ДИРЕКТОР НА МРТ Е НИШТОВЕН ОТИ ГО ИЗБРА НЕЛЕГИТИМЕН ПРОГРАМСКИ СОВЕТ, ВЕЛИ ЗНМ

    РЕИЗБОРОТ НА МАРЈАН ЦВЕТКОВСКИ ЗА ДИРЕКТОР НА МРТ Е НИШТОВЕН ОТИ ГО ИЗБРА НЕЛЕГИТИМЕН ПРОГРАМСКИ СОВЕТ, ВЕЛИ ЗНМЗНМ смета дека „изборот на Цветковски е резултат на силниот притисок што врз членовите на Програмскиот совет го правеа опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владината ДУИ“; - Цветковски на 26 декември 2014 го прими Орденот за заслуги за Македонија, со кој претседателот Ѓорге Иванов ја одликуваше Македонската радио-телевизија по повод 70-годишнината од основањето на Македонското радио и 50-годишнината од основањето на Македонската телевизија

    Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) смета дека реизборот на Марјан Цветковски за директор на Македонската радио-телевизија (МРТ) не оди во прилог на реформирање на јавниот сервис и неговото ослободување од политичка контрола, се вели во реакцијата на ЗНМ. ЗНМ смета дека „изборот на Цветковски е резултат на силниот притисок што врз членовите на Програмскиот совет го правеа опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владината ДУИ“. Програмскиот совет е избран за време на владееето на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ и неговиот мандат истекува до крајот на годинава.

    „За жал, членот на ЗНМ, кој не го поддржа изборот на Цветковски, не успеа да ги убеди членовите на Советот новиот директор да биде искусен менаџер, кој не е поврзан со ниту една партија. Потсетуваме дека најмалку четворица членови на Советот кои гласаа за Цветковски, во оваа тело се избрани спротивно на законот. Членот 119, став 1 алинеја 2, од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, вели дека лицата кои во последните пет години биле носители на јавни функции, не може да бидат избрани за членови на Програмски совет“, се вели во соопштението.

    ЗНМ го повикува Собранието да констатира неспоивост на функции и да ги разреши од Програмскиот совет на МРТ Јагнула Куновска и Косана Мазнева, поранешни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Агим Љека, поранешен амбасадор и Снежана Клинчарова, поранешен портпарол на Oпштина Бутел.

    „ЗНМ предупредува дека реформирте во јавниот сервис не смеат да бидат предмет на политички пазар меѓу власта и опозицијата, на штета на јавниот интерес“, се додава во соопштението.

    Денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски, запрашан за реакција по изборот на Цветковски, рече дека „овој избор е на важност сè додека не го усвоиме Закон за аудио и аудиовизуелни услуги“. Според него, можно е законот да дојде на владина процедура веќе до крајот на оваа недела.

    Советот на МРТ на 26 јануари го распиша конкурсот за избор на нов директор, бидејќи мандатот на Цветковски истекуваше во март. За негов заменик сега е избран Харун Ибраими. Цветковски бил реизбран, иако на конкурсот пристигнале уште 12 пријави.

    Тој беше генерален директор на МРТ во 2 мандата од 2012, а белег на неговото раководењее е тоа што јавниот сервис не ги емитуваше бомбите на опозицијата, иако лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов тогаш им достави цедеа со овие записи. Цветковски изјави дека „уредувачката политика на телевизијата не може да се управува според барањата на седумдесетина граѓани, кои имаат свои цели“. На новинарско прашање за содржината на 24. бомба, во која се слуша како врвот на ВМРО-ДПМНЕ решава кој ќе се вработи во МРТ, Цветковски тврдеше дека функционери од тогаш владејачката партија од него никогаш не побарале прилог по нарачка.

    Цветковски лани им напиша писмо на премиерот Зоран Заев и на амбасадорот Џес Бејли и ги извести дека дека подолг период сметката на јавниот сервис е блокирана поради ненамирени обврски.

    На 26 декември 2017, Владата соопшти дека „ненавременото ставање на годишната програма за работа на МРТ не е објавена согласно законот, го попречило обезбедувањето на влијание на јавноста врз вкупното работење на јавниот сервис, како и дека МРТ ги прекршила сопствените професионални принципи за сеопфатно информирање на јавноста со прекинот на директниот пренос од Собранието на Република Македонија на 27 април“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира