ВИСОКОКАТНИЦИТЕ ВО ТЕТОВО ЌЕ ИЗГОРАТ ОТИ ПОЖАРНАТА ИМА СКАЛИ ЗА ГАСЕЊЕ ПОЖАР САМО ДО ТРЕТИ КАТ

    ВИСОКОКАТНИЦИТЕ ВО ТЕТОВО ЌЕ ИЗГОРАТ ОТИ ПОЖАРНАТА ИМА СКАЛИ ЗА ГАСЕЊЕ ПОЖАР САМО ДО ТРЕТИ КАТКако да го гаснеме пожарот ако избие на некој од повисоките катови? За овој проблем никој во градот не размислува, а најмалку градежниците кои проектирале вака високи згради, а не ставиле помошни скали за евакуација на луѓето, велат во противпожарната единица на Општина Тетово (Фото: СДК.МК)

    Трагедијата која пред три недели се случи во Тетово, кога во пожер во нивната семејна куќа загинаа мајка со четири деца, повторно актуализира еден проблем со кој тетовските пожарникари секојдневно се среќаваат и кој им создава огромни тешкотии за навремена интервенција. Тесните тетовски улици кои се речиси блокирани од паркирани автомобили оневозможуваат брзи и навремени интервенции на пожарникарите. Но освен тесните улици тетовските пожарникари имаат уште еден голам страв.

    „Нашиот најголем проблем и најголем страв е пожар на некоја висококатница. Ние имаме пожарникарски скали кои достигнуваат само до третиот кат, а градот веќе има згради високи и по дванаесет катови. Како да го гаснеме пожарот ако избие на некој од повисоките катови? За овој проблем никој во градот не размислува, а најмалку градежниците кои проектирале вака високи згради, а не ставиле помошни скали за евакуација на луѓето. Токму поради сите овие проблеми потребни ни се повеќе помали противпожарни возила и секако едно со големи хираулични скали за да можеме да интервенираме и при пожари во висококатнците“, Ака Алити, комадир на противпожарната единица на Општина Тетово.

    Два Бреста, Колтук, Горна Чаршија, месноста Теќе, тоа се критичните точки до каде големите противпожарни возила не можат воопшто да дојдат или пак многу тешко и бавно се пробиваат покрај паркираните возила (Фото: СДК.МК)

    Проблемот со тесните улици посебно е изразен во маалата во стариот дел на градот како и во планинските села.

    „Ова е навистина голем проблем со кој се среќаваме уште од поодамна, но во последниве години е уште поизразен поради се поголемиот број возила во градот и поради немањето соодветен паркинг простор. Тоа се случи и при нашата неодамнешна интервенција во месноста Два Бреста, кога пожарот однесе 5 човечки животи. Веднаш по пријавата на пожарот, не поминаа ниту десетина минути, нашите противпожарни возила беа на местото на избивањето на пожарот. Но поради тесните улици во овој дел од градот и паркираните возила од двете страни на улицата не можевме со сите возила да интервенираме. Едвај со две помали противпожарни возила дојдовме пред куќата. Поголемите цистерни мораа да се допрат многу подалеку од запалената куќа, па преку црева вршевме дотур на вода во двете возила кои пред куќата го гаснеа пожарот. Целото поткровје, токму таму каде спиеле мајката со децата, беше во огромен пламен. Ние навистина го дадовме нашиот максимум, но не успеавме да ги спасиме и длабоко жалиме за загубените животи. Наша многу мала утеха е што успеавме да спречиме ширење на пожарот на околните куќи“, вели Алити.

    Два Бреста, Колтук, Горна Чаршија, месноста Теќе, тоа се критичните точки до каде големите противпожарни возила не можат воопшто да дојдат или пак многу тешко и бавно се пробиваат покрај паркираните возила. Но во другите градски улици состојбата не е ништо подобра. Тогаш најголема мака имаат возачите на противпожарните возила.

    „Да ви кажам искрено, нема возач на противпожано возило кој најмалку еднаш не бил на суд поради причинета штета на друго паркирано возило при нашите интервенции. Но кога таму некаде гори оган и кога знаеме дека секоја минута и секоја секунда се важни немаме многу време да размислуваме дали ќе скршиме и некој ретровизор или ќе изгребеме некој од автомобилите паркирани на тесните улици во одредени реони во градот. Нашата цел е пожарот и таму сите итаме што е можеме побрзо. Па сопственикот на автомобилот треба да размисли кога ќе го паркира автомобилот дали има доволно простор тука да помине противпожарно возило или возило на брза помош. Но за тоа никој не размислува сè додека не се случи ваква несреќа“, вели Бошко Николовски кој долги години работи како возач на противпожарно возило.

    Минатата година тетовските пожарникари имале 679 интервенции, а за месец и пол од оваа година околу 70. Тие ги опслужуваат сите 5 општини од тетовскиот регион бидејќи освен Тетово, ниедна друга општина нема противпожарна единица на својата територија (Фото: СДК.МК)

    „Честопати ни се случувало нашето возило да остане заглавено во сообраќајните гужви во градот, посебно во летниот период кога поради доаѓањето на гастербајтерите има енормо голем број возила на тетовските улици. Не помага тогаш ниту сирената, ниту ништо. Тогаш најмногу се нервирам, но помош нема сè додека не се расчити сообраќајната гужва. Но освен тетовските улици, исто така и оние во високопланинските села се кошмар за секој возач на противпожарно возило. Честопати ни се случувало при интервенции во планинските села да заглавиме во некоја тесна улица или да дојдеме до местото на пожарот и да го изгаснеме, но после поради тесните улици да не можеме да се вратиме наназад ниту да ја свртиме цистерната. Во живо сеќавање ми е еден случај при еден пожар на улица Радован Цониќ во Тетово веднаш до Судот, каде поради непрописно паркирани автомобил во и онака тесната улица нашето возило никако не можеше да помине. Ја гледаме куќата што гори на 200-300 метри од нас, но не можеме да поминеме. Тогаш ние на раце ги дигнавме тие неколку возила што ни го попречуваа патот и ги поместивме за да може да помине нашата цистерна. Пред некоја година, кога ја возев цистерната при една интервенција во Мала Речица, со горниот дел од возилото скинав кабли од електронапојувањето кои беа прениско поставени на улицата. Почнаа да се слушаат силни пукотници и во еден миг помислив дека ме отепа стујата. Но за среќа, јас и пожарникарите во возилото поминавме без повреди и веднаш продолживме кон запалената куќа. Таква е нашата работа, секоја интервенција, секој пожар си е приказна за себе“,  вели Николовски за неколку од бројните случаи кои го доживеал како возач на противпожарно возило.

    Минатата година тетовските пожарникари имале 679 интервенции, а за месец и пол од оваа година околу 70. Тие ги опслужуваат сите 5 општини од тетовскиот регион бидејќи освен Тетово, ниедна друга општина нема противпожарна единица на својата територија.

    „Ако избие пожар да речеме во Јажинце, кое е оддалечено повеќе од триесет километри од Тетово, ни требаат најмалку 45 минути да стасаме до таму. Сигурно десет до петнаесет минути ги губиме додека ги поминеме сите 16 грпки на патот од излезот на Тетово до село Непроштено. Ова се тешки камиони, полни со 10 тони вода и мора возилото пред секога грпка на патот да застане и внимателно да ја помине бидејќи возилото може да се оштети или пак и да се преврти. Поради ова, честопати нé напаѓаат оштетените лица дека не сме стигнале на време да им ја спасиме запалената куќа или плевна. Но што да правиме, ние постојано бараме тие грпки да се отстранат, но безуспешно“ вели Ука Алити.

     

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира