Собранието на Република Македонија вечерва доби посебен третман за боење. Првпат шарените револуционери применија метoда боење со чатал. До овој изум дојдоа за да се осигураат дека балонот со боја ќе ја погоди целта и од голема далечина. Пред Собранието дојдоа со голем чатал направен од две тегнала и пластичен шлем во кој место пацки ставаа балони со боја. Ваквиот начин на боење се покажа како најбрз, покрај тоа што е најдалекусежен оти за многу кусо време завршија со боење. Бојаџиите уживаа во работата и од страна личеа како да се дојдени да се забавуваат.
Обид за своевиден катапулт демнострантите имаа и пред неколку дена, за боење на Владата. На штици ставаа балони со боја во обид да дофрлат подалеку, но бојата ја погоди само оградата од 800.000 евра и по некој полицаец како колатерална штета. Пробаа да применат и таканареченa „Праќа“ – на парче гума ги врзуваа балоните со боја, ги вртеа во воздух колку да земат залет, слично на фрлање ѓуле во далечина, и одеднаш ја отпуштаа гумата која леташе кон Влада сосе балоните. Но и тие не стигнуваа до фасадата. Бојата се разлеваше околу неодамна изградената ограда со позлата.
Во четирите недели, колку што трае шарената револуција, демонстрантите постојано ја усовршуваа техниката на боење. Шарањето на фасадите почна уште првата вечер, на 12 април. Тогаш антивладините демонстранти за да го искажат револтот за аболицијата од претседателот, со јајца фрлаа кон Влада. Тогаш самите кажаа дека се потребни натчовечки напори за јајцето да стигне до фасадата.
Бојата првпат се појави на 16 април, кога демонстрантите на белиот мермер на Триумфалната капија напишаа „Грабеж“. Следниот ден се појавија балоните, а уште истата вечер на социјалните мрежи почнаа да се споделуваат упатства за полнење на балоните со боја. За да се постигне посакуваниот ефект, според упатствата балоните прво се полнат со песок, па потоа во нив се става боја, се додава вода и се заврзуваат. На почетокот од ваквото боење, бојаџиите целите беа посипани со боја оти балоните најчесто им пукаа уште в рака.
Следниот изум, од минатата недела, се пушките на вода. Ги полнат со боја, но мораат многу да ја разредат за да може да пукаат. Дел од демонстрантите си се вратија на балоните оти пушките оставаат многу бледа трага на лажниот барок од Скопје 2014.
Секој следен ден е нов предизвик за демонстрантите. Вечерва тие пишуваа на асфалтот пред Собранието и пред Владата со молерски ваљаци . Брзо и прецизно пред Собранието ја оставија пораката „„Ма какво распуштање, нема опуштање“, а на раскрсницата кај Владата „Владо мори душманке“.