ПО МИЛЕНКОВ, ВО СОБРАНИЕТО СЕ НАЈАВЕНИ НЕОТПОВИКЛИВИ ОСТАВКИ НА ЦЕЛА АНТИКОРУПЦИСКА

    ПО МИЛЕНКОВ, ВО СОБРАНИЕТО СЕ НАЈАВЕНИ НЕОТПОВИКЛИВИ ОСТАВКИ НА ЦЕЛА АНТИКОРУПЦИСКАСАКАМДАКАЖАМ.МК минатата недела објави серија текстови за неправилности во работата на Антикорупциската комисија која ги открила направената ревизија на нивното работење. - Претседателот на Антикорупциска Јован Тантуровски и останатите членови на комисијата на седница (Фото: СДК.МК)

    Покрај Горан Миленков, првиот член на Антикорупциската комисија кој си даде оставка денеска, неотповикливи оставки најавени се и од претседателот на комисијата Игор Тантуровски и другите членови и тие утре треба да бидат доставени до Собранието, велат извори од парламентот за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Претседателот на комисијата Игор Тантуровски, попладнево не беше достапен на мобилниот телефон, а исто и лицето задолжено за односи со јавност во Антикорупциска не одговараше на нашите повици.

    САКАМДАКАЖАМ.МК минатата недела објави серија текстови за неправилности во работата на Антикорупциската комисија која ги открила направената ревизија на нивното работење.

    Ревизијата се однесува на составот на Комисијата со претседателот Игор Тантуровски и членовите Фарие Алиу, Горан Миленков, Жаклина Дамческа, Најдо Спасевски, Сузана Таскова Аџикотарева и Сејди Халили, кои се на оваа функција во ДКСК од април 2015.

    Ревизорскиот извештај на УЈП покажал дека во 2016 година на членови на Антикорупциската комисија им се исплаќале патни трошоци затоа што доаѓале на седници, а исплата се вршела врз основа на неверодостојни патни налози, некои од членовите воопшто не доаѓале на работа туку само на седници и биле поднесувале три патни налози за ист ден.

    Покрај овие нерегуларности во ревизорскиот извештај како ненаменско трошење на буџетски пари се посочуваат и трошоци за ручеци и вечери во ресторани кои членови на Комисијата ги правеле при патување во странство, како и трошоци за изнајмување на стан.

    На 13.07.2015 година член на Антикорупциската комисија доставил барање до Комисијата за станбени прашања на Владата, за остварување на право на надомест за закупнина на стан и трошоци за комунални услуги за користење на стан.

    На 22.09.2015 Комисијата при Владата носи решение за остварување на право на надоместок за стан и комунални трошоци, но не ја утврдува висината на надоместокот за закуп. ДКСК носи одлука за исплата на надоместок за стан во износ од 350 евра месечно, односно 250 евра за изнајмување на стан и 100 евра за трошоци.

    Членот на Антикорупциска доставил договор за закуп во кој стои дека закупнината изнесува 6.000 денари а за оваа намена му се исплаќани по 250 евра за еден месец.

    „Од причина што закупот според договорот изнесува 6.000 денари или 97.5 евра произлегува дека разликата од утврдениот надоместок со одлука на ДКСК и реално направениот расход за закуп претставуваат ненаменски потрошени средства. Со увид во приложената документација се констатира дека исплатата по основ на трошоци за закупнина не е реална, односно по тој основ исплатен е поголем износ од 168.818 денари и истите претставуваат ненаменски потрошени средства“, стои во извештајот на ревизорите од УЈП до кој дојде САКАМДАКАЖАМ.МК.

    На четири членови им била вршена исплата и на трошоци за храна преку приложени сметки за ресторански услуги при патување во странство иако за патувањето добивале дневници од ДКСК. Имено, иако подигале дневници во износ од 50 проценти плус платено ноќевање, што значи дека дневницата им ги покрива трошоците за храна, членовите на Антикорупциската комисија во странство собирале сметки од ресторани и потоа им биле рефундирани и тие трошоци.

    Во извештајот пишува дека тие пари им биле исплаќани без да се даде појаснување за која намена биле потрошени средствата.

    „Во некои случаи констатирана е исплата на надоместок за службени патувања врз база на дупли сметки односно за ист вид трошок два пати е извршена исплата. А исто така во два случаи извршена е исплата по службено патување во странство по сметки од кои не може да се утврди за кој вид трошок е направена. Врз основа на овие трошоци за храна во ресторани и дупли сметки на 4 лица од ДКСК извршена е исплата на ненаменски средства во вкупен износ од 42.514 денари“, пишува во извештајот.

    „Да се преземат соодветни мерки за корекција на ненаменски искористените буџетски средства за надомест за трошоци за службено патување во странство, како и соодветни мерки за корекција на ненаменски искористените буџетски средства по основ закупнина и да се преземат мерки за реално искажување на трошоците за комунални услуги“, стои во препораките на ревизорите.

    Претседателот на Антикорупциската комисија Игор Тантуровски во петокот изјави дека нема основ да биде разрешен од Собранието и тврди дека објавените податоци од ревизорскиот извештај за работата на комисијата биле извадени од контекст.

    „Од мој аспект не чувствувам никаква одговорност, ниту имам одговорност, ниту сум посочен во тие извештаи и од тие причини јас немам намера да поднесам оставка“, рече Тантуровски кој присуствуваше на расправа во собраниската Комисија за политички систем.

    Членовите на Антикорупциска комисија ги назначува и разрешува Собранието со просто мнозинство и имаат мандат од четири години. Во законот пишува дека член на Антикорупциската комисија може да биде разрешен во случај ако сам го побара тоа, ако е осуден за кривично дело со затворска казна и ако ја изгубил деловната способност за работа. Официјално, досега до Собранието не се пристигнати оставките ниту на Тантуровски, ниту на другите членови на Антикорупциска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира