Дали со изборите на 5 јуни на кои ќе учествува само коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, де факто ќе се смени политичкиот систем и Македонија ќе стане еднопартиска држава без опозиција, слично на Кина?
Имено, и Народна Република Кина формално е повеќепартиска држава под раководство на Комунистичката партија на Кина (КПК) во Обединет фронт, сличен на народните фронтови во поранешните комунистички држави. Но, во пракса, само една партија, КПК, ја има власта на државно ниво и нејзината доминација е таква што Кина во суштина е еднопартиска држава.
Претставничката на ВМРО-ДПМНЕ во ДИК Силвана Бонева вчера на седницата се обидела да објасни дека на листата на ВМРО-ДПМНЕ има кандидати од дваесетина коалициони партнери, но со оглед на тоа што одат на заедничка листа, не ни може да има ждрепка бидејќи сите би се појавиле под број 1 на ливчето и тоа би бил единствен избор на граѓаните. Подоцна Бонева својот став го објави и на нејзиниот профил на Фејсбук:
„Согласно Уставот и Изборниот законик, кога ќе се распишат избори, слободна волја на политичките партии е дали ќе одлучат да учествуваат на тие избори или не. Никој никого не може да присили да учествува на избори, како што и никому не може да му се одземе правото да учествува на тие избори. Затоа, ако само една партија поднесеше листа за пратеници, а не коалиција од 21 партија, како што е коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ДИК е должна да спроведе изброи. Впрочем, ДИК во поранешните состави имала искуство и спровела избори, на кои учествувал само еден кандидат за градоначалник, а не коалиција,“ напиша Бонева.
Државната изборна комисија треба да одлучи што ќе прави сега кога треба да организира демократски избори на 5 јуни со само една партија која поднела кандидатски листи, а државата е декларирана како демократска според Уставот.
Оваа ситуација значи оти де факто ќе се смени политичкиот систем и Македонија ќе стане еднопартиска држава, како Кина.
Осум помали партии исто така учествуваат во политичкиот систем на Кина, но тие имаат ограничена моќ на државно ниво и се речиси целосно потчинети на КПК, всушност тие мора да ја прифатат водечката улога на КПК како услов за воопшто да постојат. Иако формално не е забрането постоење на опозициски партии, КПК ја одржува контролата врз политичкиот систем на различни начини. Исто така, постојат и 5 партии кои се забранети и чии раководства, поради репресијата и цензурата, работат од странство.
Иако одобрувањето на КПК е во суштина клучно за влез во Народниот Конгрес на Кина, скоро една третина од пратеничките места се резервирани за пратеници кои не се членови на Комунистичката партија. Меѓу нив спаѓаат технички експерти и членови на помалите сојузнички партии. Иако овие пратеници даваат техничка експертиза и извесна разновидност на гледишта, сепак тие не функционираат како политичка опозиција.
Сличен систем на глумење демократија имаше и во бившата СФРЈ. Комунистичката партија, односно Сојузот на комунистите го создаде движењето Народен фронт и во 1953 година го прекрсти во Социјалистички сојуз на работниот народ на Македонија – ССРНМ. Потоа се организираа таканаречени демократски избори според делегатски систем.