Лични асистенти годинава ќе добијат 100 лица со тешка или најтешка физичка попреченост, како и лицата со целосно оштетен вид. Ваква одлука на денешната седница донесе Владата на предлог на Министерството за труд и социјална политика за обезбедување персонална асистенција за лицата со попреченост.
„Оваа услуга за прв пат се воведува во Македонија и целосно е финансирана од буџетот. Со оваа програма се обезбедува персонална асистенција за лица од 18 до 64 години, а личните асистенти ќе им помагаат при извршувањето на секојдневните лични и домашни активности, при посета на високообразовни институции, неформално образование, професионална рехабилитација или поддршка на работно место“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Асистентите ќе бидат лица кои имаат сертификат за завршена обука за лична асистенција, верифицирана од јавната установа Центар за образование на возрасни.
„Во оперативниот план за мерки и услуги за вработување за 2018 година се предвидени средства за обука на 100 невработени лица“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
За реализација на програмата издвоени се 17.500.000 денари од буџетот на Министерството за труд и социјална политика.
„Преку програмата за општинско корисна работа, на почетокот на учебната 2017/18 година обезбедивме средства за ангажирање на 106 образовни асистенти и 34 лични асистенти за деца кои посетуваат настава, со што е зајакната и поддршката на децата со попреченост во образовниот процес“, велат од Министерството за труд и социјална политика.