НЕМА ДА ДОЗВОЛАМ НОВ 27 АПРИЛ ВО СОБРАНИЕТО, РЕЧЕ ТАЛАТ ЏАФЕРИ ПО ИНЦИДЕНТОТ СО ГРУЕВСКИ

    НЕМА ДА ДОЗВОЛАМ НОВ 27 АПРИЛ ВО СОБРАНИЕТО, РЕЧЕ ТАЛАТ ЏАФЕРИ ПО ИНЦИДЕНТОТ СО ГРУЕВСКИВеднаш по гласањето, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ застанаа пред претседателот на Собранието Талат Џафери, а пратеникот Никола Груевски повторно се качи на подиумот кај спикерот и пробуваше да му ја извади картичката за гласање на Џафери, но овојпат не успеа, бидејќи пред него застана собраниското обезбедување (Фото: М. Златевска)

    Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека нема да дозволи да се повтори насилството од 24 декември 2012 и 27 април 2017 во Парламентот, откако попладнево при донесувањето на Законот за употреба на јазиците тој беше нападнат од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

    „Кога бев избран за претседател на Собранието реков дека ќе го водам според деловникот и законите и нема да дозволам да го вратам сликите од 24 декември и нема да дозволам нов 27 април“, рече вечерва Џафери на прес конференцијата во Собранието.

    На прашањето за однесувањето на Груевски на седницата, Џафери рече „нема што да коментирам, виде јавноста на снимките и народот ќе си каже за однесувањето на пратеникот Никола Груевски“.

    За граѓаните кои пред Собранието демонстираат против законот, Џафери рече дека правото на протест е загарантирано но нема да дозволи однесувањето на пратениците да добие предзнак на меѓуетнички судир.

    Тој истакна дека само Уставниот суд е надлежен да цени дали Законот за јазиците е во согласност со Уставот.

    Собранието попладнево по куса пауза по инцидентот со Никола Груевски, го изгласа Законот за употреба на јазиците со 64 гласа „за“ без да ги разгледа илјадниците амандмани на ВМРО-ДПМНЕ.

    Веднаш по гласањето, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ застанаа пред претседателот на Собранието Талат Џафери, а Груевски повторно се качи на подиумот кај спикерот и пробуваше да му ја извади картичката за гласање на Џафери, но овојпат не успеа, бидејќи пред него застана собраниското обезбедување.

    Претходно, Груевски го испрска со вода претседателот на Собранието Талат Џафери, па му ја зема картичката за гласање, по што Џафери даде пауза и стана да си оди, но беше запрен од поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, при што дојде до турканица меѓу нив двајца. Собраниското обезбедување интервенираше и ги раздели пред да дојде до тепачка.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира