ТРГОВЦИТЕ БОРИС И АТАНАС ЧOРБЕ ЈА ИМАЛЕ ПРВАТА КУЌА ВО ЕВРОПСКИ СТИЛ ВО ОХРИД

    ТРГОВЦИТЕ БОРИС И АТАНАС ЧOРБЕ ЈА ИМАЛЕ ПРВАТА КУЌА ВО ЕВРОПСКИ СТИЛ ВО ОХРИДКуќата од 1931 година четири децении беше позната како дирекција на фестивалот Охридско лето

    Препознатливата куќа во центарот на Охрид, на почетокот од кејот на Охридското езеро била првиот објект во градот кој бил изграден во стилот на европската архитектура. На првиот кат од куќата денес има познат ноќен клуб, а претходно речиси четири децении беше користена како дирекција на фестивалот Охридско лето.

    Куќата на браќата Чорбе (десно) е изградена во 1931 година, а до неа се наоѓала и првата фотографска работилница во Охрид на фотографот Благоја Поп Стефанија

    Куќата била изградена во 1931 година, а нејзини сопственици биле познатите охридски трговци Борис и Анастас Чорбе. Нивниот татко ја формирал трговската фирма Јаким Чорбе и синовите”, која соработувала со голем број европски земји. Во нивна сопственост била и Свиларата во Битола која ја купиле од богат Евреин. За нив кошули шиеле неколку фирми од Виена.

    Анастас Чорбе пред Втората светска војна бил и градоначалник на Охрид. Охриѓани раскажуваат дека тој го изградил градскиот парк, го развивал туризмот, формирал повеќе спортски клубови, како веслачкиот и пливачкиот .

    Планот на куќата, кој е нацртан на специјален платнен папирус кој може да трае со векови, е проектиран од Тома Крстиќ од Битола (Фото: СДК.МК)

    Внукот на Борис Чорбе, познатиот охридски адвокат Игор Кичеец раскажува дека планот на куќата, кој е нацртан на специјален платнен папирус кој може да трае со векови, е проектиран од Тома Крстиќ од Битола.

    Мојот дедо и брат му Анастас го одбрале него, бидејќи тој бил врвен градежен инженер кој преку оваа куќа го донел европскиот дух во архитектурата во Охрид.

    До неа се наоѓала и првата фотографска работилница во Охрид на фотографот Благоја Поп Стефанија. Но, во 1945 година куќата на Борис и Анастас Чорбе им била конфискувана. Тоа тешко го поднеле, но немале избор. Такви биле времињата”, раскажува Кичеец.

    Во еден период, дел од конфискуваниот објект им бил вратен на браќата, каде живееле со фамилиите.

    Во шеесетите години од минатиот век во куќата се всели дирекцијата на Охридско лето, и фестивалот ја користеше речиси четири децении.

    Игор се присетува дека како дете влегувал тајно во куќата од задната страна.

    Во шеесетите години од минатиот век во куќата се всели дирекцијата на Охридско лето, и ја користеше речиси четири децении (Фото: СДК.МК)

    Кога одев на плажа, оттука ги земав веслата и пентата и заминував кај кајчето. Тогашните директори Миле Волкан и Љубен Баткоски ми дозволуваа да влезам речиси тајно , бидејќи куќата се уште не ни беше вратена. Ни ја вратија пред една деценија. Меѓутоа, пак доживеавме еден дел од куќата да не биде наш.

    „Наши подалечни роднини , кои беа сопственици на најубавиот кат, го продадоа, но ние со тешки маки успеавме да обезбедиме големи финасиски средства и тој кат повторно го откупивме. Сега конечно куќата е во сопственост на вистинските наследници на Борис и Анастас Чорбе”, вели Игор Кичеец.

    Борис и Анастас Чорбе доживеаја длабока старост. Починаа во деведесеттите години од минатиот век.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира