Пет члена на Државната изборна комисија (ДИК) испратија писмено известување до претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски во кое се вели дека на 5 јуни ќе има само една кандидатска листа.
Според Виолета Дума и Игор Милев од СДСМ, Субхи Јакупи од ДУИ и претседателот и потпретседателот на Комисијата, Александар Чичаковски и Реџеп Прекопуца, ако се спроведат изборите тие би биле нелегитимни и некредибилни.
Во писмото стои дека се загрозува начелото на избалансирано медиумско претставување, суверенитетот на граѓаните се пренесува само на една партија, а се поставува и прашањето за целисходноста и економичноста на спроведување на изборите, со оглед на извесноста на резултатите во однос на распределбата на мандатите.