Министерството за здравство ќе бара заинтересирани приватни партнери за изградба и реконструкција на здравствените установи и за обезбедување експертиза за надградба на знаењата на македонските лекари.
Венко Филипче, министер за здравство вели дека со усвојување на информацијата за отпочнување на процесот за јавно приватно партнерство на вчерашната седница на Владата не значи дека болниците ќе се даваат под концесија, туку дека во рамки на Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, ќе бараат заинтересирани партнери да се вклучат во обнова и изградба на објектите.
„Засега нема ништо конкретно, односно нема конкретна понуда. Но, го отвораме процесот доколку има заинтересиран приватен партнер, кој би инвестирал во обнова и реконструкција на објектите и такво нешто ќе прифатиме ако има конкретни мерливи резултати“, вели Филипче.
Тој објаснува дека суштината на отворање на овој процес е да се намалат трошоците за изградба и реконструкција на здравствените установи, а во исто време тие да ја добијат потребната инфраструктура.
„Тоа значи дека ако некој заинтересиран приватен партнер сака нешто да прави да речеме во дворот на некоја здравствена установа, да му се даде услов да ја реконструира таа здравствена установа. Но, ова е само хипотетички, односно сè уште нема конкретна понуда“, вели Филипче.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната прес конференција објаснувајќи ги одлуките донесени на вчерашната седница на Владата, кажа дека ова се прави поради ограничени финансиски средства за капитални инвестиции во јавните здравствени установи.
„За секој одделен случај ќе се избере одредена опција од законот, односно приватниот партнер ќе може да финансира, дизајнира, изгради или реконструира и реновира објекти на јавна инфраструктура, работи на одржување на нов објект или веќе реконструиран објект. Приватниот партнер ќе може да користи, управува или одржува постоен објект на јавна инфраструктура. Приватниот партнер ќе мора да ја исполни обврската да обезбеди јавна услуга на пациентите“, кажа Бошњаковски.
Е. БОЧВАРОСКА