ДУИ НЕ ГО ПОДДРЖУВА ПРЕДЛОГОТ НА СДСМ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ПАТНИТЕ ТРОШОЦИ, БАРА НИВНО ЦЕЛОСНО УКИНУВАЊЕ

    ДУИ НЕ ГО ПОДДРЖУВА ПРЕДЛОГОТ НА СДСМ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ПАТНИТЕ ТРОШОЦИ, БАРА НИВНО ЦЕЛОСНО УКИНУВАЊЕКоординаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев предлага намалување на патните трошоци за пратениците за 30 отсто.Пратеникот на ДУИ Џеват Адеми ќе поднесе амандман на предлогот. (Фото: Ѓ. Личовски)

    СДСМ и ДУИ не можат да ги усогласат ставовите за предлозите за намалување на патните трошоци за пратениците и за другите избрани и именувани функционери.

    Предлозите за намалување на патните трошоци на пратениците и на именуваните и избраните функционери иако во прво читање поминаа на парламентарна седница, пратениците на ДУИ нема да ги поддржат.

    Од ДУИ за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека предлогот на пратеничката група на СДСМ е едностран и ДУИ нема да го поддржи. Тие планираат да достават амандман со кој што бараат да се укинат патните трошоци, како на пратениците, така и на именуваните и избраните функционери.

    „Нема да ги поддржиме предлозите за намалување на патните трошоци, бидејќи ништо нема да се смени, пак ќе се зборува во јавноста. Затоа ќе поднесеме амандман со кој бараме да се укинат патните трошоци на сите избрани и именувани функционери“, изјави за САКАМДАКАЖАМ. МК, пратеникот на ДУИ Џеват Адеми.

    Од ДУИ велат не сакаат поради три-четири пратеници да им се валкаат имињата во медиумите и дека со намалување на трошоците за 30 отсто нема да се смени сликата во јавноста дека само пратениците земаат големи пари за патни трошоци.

    Пратеникот Адеми целосното укинување на патните трошоци го предложи уште на 24 јануари годинава на собраниската Комисија за труд и социјална политика.

    „Ајде на овој начин да ги испровоцираме другите функционери и да не сме ние на мета постојано. Да се жртвуваме, за новинарите да не пишуваат за нас“, рече тогаш Адеми.

    На денешната седница на собраниската Комисија за политички систем, на дневен ред не се ставени предлозите за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица и на Законот за пратеници, со кои се намалуваат патните трошоци од 30 до 20 отсто од цената на литар гориво за изминат километар.

    Предлозите не се на дневен ред на Комисијата, како што ни кажаа извори од Собранието, бидејќи нема договор меѓу владејачките партнери, СДСМ и ДУИ.

    За намалување на злоупотребите со патните трошоци, со измените е предвидено пратеникот лично, со кредитна картичка, да ја плаќа патарината и во Собранието кога ќе ја поднесува сметката од патарината ќе треба да го приложи и слипот.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира