Министерот за здравство Венко Филипче најави дека ќе ги укине 14 комисии за ревидирање на позитивната листа на лекови, воведени од ексминистерот Никола Тодоров. Тој кажа дека со сегашната методологија за ставање и вадење лекови од позитивната листа на лекови, кои се на товар на Фондот за здравствено осигурување е неефикасна и практично не може да се спроведе.
„Со сегашната методологија за да се направи промена на позитивната листа на лекови треба да се состанат 14 комисии, а секоја е составена од 17 членови и практично тоа е невозможна мисија. Тоа што сега го правиме и го менуваме во делот на легислативата е да се смени начинот на кој ќе се формира една комисија која може да биде оперативна. Мора од некаде да тргнеме од некаде“, кажа Филипче.
Позитивната листа на лекови скоро десетина години не е обновена, односно на неа не се ставени нови лекови. Сегашната методологија за промена на позитивната листа, беше воведена во 2012 година, со која беше укината комисијата која беше под надлежност на Фондот за здравствено осигурување и беа воведени 14 комисии, со 17 членови кои ги формира Министерството за здравство.
Од самиот старт имаше проблем со работата на комисиите. По носење на ова законско решение скоро цела година комисиите не беа формирани, а по истекот на мандатот од една година, поминаа скоро година и пол додека да се формираат нови.
Од Министерството за здравство велат дека во моментов комисиите не функционираат.
Филипче најави дека од први следниот месец со намалени цени ќе бидат 336 генерички лекови и 222 оригинаторни лека, согласно законската обврска за ревизија на цените на лековите. Тој кажа дека ги намалиле максималните цени на лековите од скоро сите групи и дека ќе заштедат 2 милиони евра.
Е. БОЧВАРОСКА