Поради кршење на собранискиот Деловник од Зоран Заев, потпретседателот на Собранието Горан Мисовски го прекина премиерот додека одговараше на пратеничко прашање од пратеникот Амди Бајрам за недостатокот на лекови во аптеките.
Бајрам го праша министерот за здравство Венко Филипче дали ќе преземат нешто со тоа што после секој 15-ти во месецот нема лекови на рецепт, туку само приватно, кои биле многу поскапи, а граѓаните не можат да купат. Конкретно, го праша Филипче дека во аптеките по само два дена од месецот, веќе ги нема пумпите за болните од астма, кои што на рецепт чинат 360, а приватно 3.600 денари.
Филипче му одговори дека Владата донела одлука за неплаќање на партиципација за младите лица до 18 години, кои се носители на социјална помош и дека работат и други категории да добијат олеснување во плаќањето на партиципацијата. Не одговори зошто има недостиг на пумпи за болните од астма на рецепт по аптеките.
Заев излезе на говорницата за да одговори на прашањето на Бајрам дали премиерот размислува да прими советник Ром, но, почна да објаснува за прашањето за недостигот на лекови. Тогаш беше прекинат од потпретседателот Мисовски, бидејќи го кршел Деловникот.
„Извинете премиере, но одговорот на тоа прашање беше поставено до Министерството за здравство, а до вас за советник Ром и треба да одговорите само на тоа прашање. Таков е собранискиот Деловник, мора да се почитува, не смее да се воведува поинаква пракса од таа што е пропишана со Деловникот“, рече Мисовски, по што Заев ја напушти говорницата.
Бајрам по заминувањето на премиерот од говорницата, рече дека бил задоволен од одговорот на премиерот и дека тој убаво се си кажал.
„Убаво си кажа сè премиерот, од него сум задоволен, ама од тебе не сум“, му рече Бајрам на Мисовски, кој го заменува спикерот Талат Џафери во водење на седницата.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ продолжува со бојкотот на Собранието и не присуствуваше ниту на денешната седница за пратенички прашања.
Г. ТРПЕНОСКИ