Екоактивисти од Кавадарци поведоа иницијатива за спас на Градскиот парк, еден од најубавите во Македонија, во кој се предвидени градби.
„Како може некој да не мисли на екологијата, на одржливиот развој, на здравјето на секоја индивидуа и дозволил во Градскиот парк да се градат згради? Дали сте свесни дека ова е голем проблем со кој се спречува ладниот и свеж воздух да се спушти во градот, а со тоа се покачува температурата која и онака е неподнослива во летниот период. Јасно е, со градењето на зградите и прошетките во паркот не се исти. Каква приватност и комодитет, какво спокојство ќе чувствуваат граѓаните кои го користат градскиот парк за рекреација и прошетки?“, велат активистите.
Тие го повикаа градоначалникот Митко Јанчев да го смени Деталниот урбанистички план (ДУП).
„Господине градоначалник, знаеме дека ДУП-от е сменет од претходната гарнитура, односно од минатиот градоначалник, кој според нас е воедно и гробар на Градскиот парк. Дали вие, кој важите за далеку посвесен човек од вашиот претходник, ќе превземете акција и ќе го заштитите паркот од злонамерната урбана мафија?”, јавно прашуваат активистите.
Тие бараат да се стави крај на урбанистичката мафија во градот.
„Морална обврска ни е да се бориме за нашиот град да го направиме подобро место за живеење, а дел од таа борба претставува и судир со урбаната мафија“, велат активистите и прашуваат „колку дрва ќе се исечат и зданија ќе никнат во паркот, за да се остварат бизнис интересите на поединци?! Каде се планира да се гради следно зграда, на сред парк или можеби на местото на костурницата?“
Градоначалникот на Јанчев и Цветанка Тодорова Лекоска од Секторот за урбанизам при општината, кои ги презентираа Генералниот и Деталниот план на градот, велат дека градбите кои никнуваат кај градскиот парк во Кавадарци се според планови донесени во 2003 и 2013 година и не навлегуваат во паркот. Тодорова Лекоска појасни дека постоечките планови биле донесени според законски предвидената постапка, а биле добиени и сите неопходни согласности, меѓу кои и тие од Министерството за животна средина и за транспорт и врски. Вели дека десно од влезот во паркот е веќе изграден еден колективен станбен објект П+3+ ПК, до него ќе има уште еден таков. Западно од тие објекти, постојат уште шест маркички предвидени за такви објекти за колективно домување. Покрај сите тие објекти, во внатрешноста меѓу нив, има пет маркички за мали комерцијални дековни објекти П+3 како пошта, продавница и слично.
Јанчев рече дека немаат можност да укинат постоечки планови, особено кога веќе има издадено градежни дозволи, инвестирано во објекти и направено инфраструктура.
„Но можеме да ветиме дека во планот кој го изработуваме паркот од околу десет хектари ќе биде заштитена зона и нема да има ниту сантиметар проширување од претходните планови. Ќе се заштити секое зеленило во градот, а ќе има и нови зелени површини. Јавно и транспарентно ќе ги информираме нашите граѓани и ќе гледаме нашите служби да бидат поажурни во информациите до граѓаните и тие да имаат можност да реагираат навремено при донесувањето на деталниот урбанистички план. Знаете, кога некој во 2013 донел план, а не реагирал никој, а траела процедурата повеќе од година две, ние сега тоа не можеме да го ревидираме или нешто ново да донесеме”, вели градоначалникот.
Не станува збор само за површини на Општина Кавадарци и Република Македонија, голем дел се и приватни парцели, така што, овој детален план можеби бил и инициран од тие приватни сопственици кои сакале да градат на самите парцели.
С. ДАРУДОВА