МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ СО ДВЕ НЕДЕЛИ РОК ЗА ФИЛИПЧЕ ДА ГИ ВИКНЕ НА РАЗГОВОРИ ИЛИ ЌЕ ШТРАЈКУВААТ

    МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ СО ДВЕ НЕДЕЛИ РОК ЗА ФИЛИПЧЕ ДА ГИ ВИКНЕ НА РАЗГОВОРИ ИЛИ ЌЕ ШТРАЈКУВААТ„Нас лично не нè контактирале ниту од Министерството ниту од Фондот за здравствено осигурување, но министерот даде изјава дека ќе не викне на состанок и одлучивме да почекаме со протестот“, вели д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни матични лекари

    Управниот одбор на Здружението на приватни матични лекари на денешната седница одлучи уште две недели да му даде рок на Министерството за здравство и министерот Венко Филипче за да почнат разговори во работни групи за нивните барања. Еднодневен штрајк, со тоа што нема да примаат пациенти со хронична патологија и нема да им издаваат рецепти и упати, како опција останува ако здравствените власти и натаму останат глуви на нивните барања.

    Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни матични лекари, вели дека бараат разговори за нивните основни барања, односно пациентите и лиценцата место како досега да се водат на име на лекарот да се водат на име на приватната здравствена установа, зголемување на капитацијата, зголемување на буџетите за работа на лабораториите и приватните здравствени установи.

    „Одлучивме да им дадеме рок од две недели да почне работата по групи за решавање на овие проблеми. Нас лично не нè контактирале ниту од Министерството ниту од Фондот за здравствено осигурување, но министерот даде изјава дека ќе нè викне на состанок и одлучивме да почекаме со протестот. Тој како опција останува ако ништо не се случи наредните две недели“, вели Чолакова Дервишова.

    Таа вели дека многу лекари веќе не можат нормално да работат поради наталожените проблеми, и дека на разговорите мора да се обрне внимание и на прашањето што со пациентите ако докторот отиде на подолго боледување.

    „Годинава ни истекува главниот договор со Фондот за здравствено осигурување, односно тој беше потпишан на пет години. Мора да се седне и со надлежните во Министерството, но и со оние во Фондот, и да се договориме како понатаму. Плановите за 2019 година треба уште сега да се подготват, а не да се чека последен момент“, вели Чолакова Дервишова.

    Филипче пред три дена кажа дека имаат подготвено решение за проблемите и на матичните лекари и на лабораториите, но дека не сакаат да применуваат нешто без да разговараат со оние на кои ова директно се однесува. Тој рече дека неделава е планирано да има и официјална средба со здруженијата на лекари.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира