СО ПРАГ ОД 1.000 ЕВРА ЗА ПРОГРЕСИВНА СТАПКА НА ПЕРСОНАЛЕЦОТ МАЛКУ ЛУЃЕ ЌЕ БИДАТ ПОГОДЕНИ, А СЕРИОЗНИ ПАРИ ЌЕ СОБЕРЕМЕ, РЕЧЕ ЗАЕВ

    СО ПРАГ ОД 1.000 ЕВРА ЗА ПРОГРЕСИВНА СТАПКА НА ПЕРСОНАЛЕЦОТ МАЛКУ ЛУЃЕ ЌЕ БИДАТ ПОГОДЕНИ, А СЕРИОЗНИ ПАРИ ЌЕ СОБЕРЕМЕ, РЕЧЕ ЗАЕВНа Денот на буџетот 2 април премиерот Зоран Заев кажа дека данокот на додадена вредност за градежништвото и натаму останува 5 отсто и дека засега нема да чепкаат во данокот на добивка. (Фото:Ѓ. Личовски)

    Процентот на граѓани кој ќе биде зафатен со прогресивна стапка на персонален данок ако прагот е над 1.000 евра месечна плата е мал, но финансиските импликации во буџетот се големи, кажа премиерот Зоран Заев на првата Годишна конференција на Министерството за финансии организирана на Денот на буџетот – 2 април.

    „Минатата седница на Владата се подотвори дебатата за прогресивниот данок. Наскоро со министерството за финансии ќе ги објавиме податоците и сакаме од сите да чуеме мислење како треба да постапиме, и од стручната јавност и од бизнис заедницата и од сите. Ако прагот се стави над 1.000 евра според проценките ќе зафати 74.000 граѓани. Ист така се разгледуваат и податоците за праг ако е над 1.500 евра и така натаму. Според овие пресметки сметаме дека процентот на граѓани кои ќе плаќаат прогресивна стапка е мал, но со тоа ќе се соберат сериозни пари, или 30 милиони евра плус. Овие пари пак заедно со Министерството за труд и социјална политика ќе ги употребиме за да се зголеми социјалната помош на 12.000 денари или 2019 година да се воведе бесплатно болничко лекување, кое годишно не чини 7 милиони евра“, рече Заев.

    Тој кажа дека данокот на додадена вредност за градежништвото и натаму останува 5 отсто, дека засега нема да чепкаат во данокот на добивка, а дека општините долговите може да ги сервисираат преку користење на прагот од до во данокот на имот и данокот на промет.

    Собраниската комисија за финансирање и буџет може да го контролира извршувањето на буџетот, но колку Собранието ги користи овие законски и деловнички можности да контролира како се трошат парите на граѓаните е дискутабилно, кажа претседателот на Собранието Талат Џафери на денешната прва Годишна конференција на Министерството за финансии, која се одржува на 2 Април денот кога во 1992 година е донесен првиот буџет во Република Македонија.

    „Собранието пред 26 години го донесе првиот буџетот на Република Македонија и покажавме дека како држава сме способни да испланираме, да донесеме и да го реализираме буџетот, без кој не може да се замисли ниту една функција на државата. Нема да зборувам за структурата на буџетите, нема да дадам оценка дали буџетите во овие 26 години биле развојни или само социјални. За жал морам да ги спомнам настаните од 24 декември 2012, познати како ‘црн понеделник’, а директно се поврзани со донесување на буџетот. Сè додека сум јас прв меѓу еднаквите нема да дозволам да се случи некој нов црн понеделник или пак да се случи 27 април. Верувам дека сите ние извлековме поуки од овие настани, односно ја научивме историската лекција дека со насилство не се гради ниту демократија, ниту функционални институции“, рече Џафери.

    Министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека 2 април ќе биде Ден на буџетот и дека досега овој ден не се одбележувал, но дека тој е многу важен, оти буџетот е крвотокот на една држава. Тој рече дека буџетот за 2018 година е направен за да овозможи економски раст, социјална правда и интеграција во ЕУ и НАТО.

    Годинава се планирани 24 милијарди денари за капитални инвестиции, зголемен е буџетот за одбраната, за здравството, социјалата, образованието. Со реформата која ќе ја спроведеме од 2018 до 2020 година треба да обезбедиме фискална транспарентност, измена на начинот на кој се вршат јавните набавки, поголема контрола на трошење на јавните пари“, кажа Тевдовски.

    Првиот буџет на Македонија од 1992 година изнесувал 75,9 милијарди динари, а на 26 април истата година воведени се бонови. Првите македонски пари воведени се 1993 година. Од овој прв буџет 33 отсто биле предвидени за помош на стопанството, 33 отсто за општествени дејности, односно образование, здравство, култура, потоа 8 отсто за одбрана, 16 отсто за државната администрација и 10 отсто за други намени.

    На одбележување на денот на буџетот присуствуваа и поранешните министри за финансии Таки Фити, Петар Гошев, Никола Поповски, Трајко Славески. Меѓу поранешните министри го немаше Зоран Ставревски, во чие време се случи токму „црниот понеделник“.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира