СКАПОЦЕНАТА РИЗНИЦА СО ИКОНИ ВО МАЛОВИШТА ЈА ЧУВААТ САМО ДВАЈЦА КЛУЧАРИ

    СКАПОЦЕНАТА РИЗНИЦА СО ИКОНИ ВО МАЛОВИШТА ЈА ЧУВААТ САМО ДВАЈЦА КЛУЧАРИДа ги красеа музеите во Париз или Лондон сигурно ќе беа под специјална заштита од аларми, уреди, витрини, стражари. Но, во галеријата на икони во црквата „Св. Петка“ во Маловишта со хронолошки распон од 500 години ги чуваат аларм, неколку замандалени врати со катанци, како и жителите од селото, претежно старци (Фото: СДК.МК)

    Црквата „Св. Петка“ во Маловишта, единственото село сместено во националниот парк Пелистер, чува ризница од стотина врвно изработени икони, ремек-дела на стари македонски зографи. Да ги красеа музеите во Париз или Лондон сигурно ќе беа под специјална заштита од аларми, уреди, витрини, стражари. Но, во оваа галеријата на икони со хронолошки распон од 500 години, изложени во горниот кат од црквата, ги чуваат аларм, неколку замандалени врати со катанци,  како и жителите од селото, претежно старци.

    Дел од иконите припаѓале на постар храм, кој бил на исто место каде е сегашната црквата подигната во 1856 година (Фото: СДК.МК)

    До планинското село Маловишта свиено на 1.695 метри надморска височина води асфалтен пат широк два до три метри, за одвај да се разминат две возила. Моравме автомобилот да го оставиме на сред село зашто нагоре до црквата нема  асфалт, туку кривулеста калдрма. Од сите страни се подаваа камени влашки градби чиниш градски, со мали типски пенџерчиња и закачени плетеници, со камени плочи на покривите.

    Кога ни ја отклучија црквата, а потоа и галеријата , блеснаа редици икони запрепастувачки убави и оригинални. Ретко кои од денешните имаат такви раскошни бои, цртежи рељефно работени, со плејада од верски ликови и живо насликани настани. Дел од  иконите припаѓале на постар храм, кој бил на исто место каде е сегашната црквата подигната во 1856 година.

    Оваа галерија на икони е можеби единствена од ваков вид во Македонија, составена од икони од самиот фонд на црквата (Фото: СДК.МК)

    „Голем број икони така се расфрлаа наваму-натаму, низ помошни простории. Беа страшно оштетни. Кога направивме анализа видовме дека тоа е импозантна бројка од стотина икони. Ги датиравме временски од крај на 16 до крајот на 19 век. Решивме да ги конзервираме и во горните галерии од црквата да направиме една презентација. Оваа галерија  на икони е можеби единствена од ваков вид во Македонија, составена од икони од самиот фонд на црквата. Не се носени од други храмови“, вели Ристо Палигора, историчар на уметност и советник конзерватор во битолскиот Завод и музеј.

    Има запис дека бугарски војски ја ограбиле црквата во Првата светска војна и однеле 100 икони. Тоа што останале уште толку зборува колку била богата ризницата со икони.

    Меѓу најубавите икони се трите дела на познатиот Дичо Зограф, сликани во 19 век. На иконата „Богородица и Исус“ од 1850 година, која самиот ја потпишал и се вбројува во највредните,  годините и негрижата оставиле белег. Ликот на божицата е реконструиран зашто  претходно бил изгорен од свеќа. Со својата оригиналност пленува и „Успението на Пресвета Богородица“ од 1818 од  познатиот Трпу Зограф од Корча чие дело се и фреските во манастирот „Свети Наум“ во Охридско. Ова е единствената зачувана икона од него во Македонија.

    Маловиштани раскажуваат дека материјалите за овие икони мајсторите ги подготвувале со години. Дрвените парчиња за  да не ги фаќа црв ги ставале во амонијак, па во ѓубре, да отстои материјалот две-три години. Црквата располага и со еден од најубавите иконостаси во Македонија. Епирска резба, брилијантно дело на извесен зограф Димитар.

    Има запис дека бугарски војски ја ограбиле црквата во Првата светска војна и однеле 100 икони. Тоа што останале уште толку зборува колку била богата ризницата со икони (Фото: СДК.МК)

    Црквата во последно време се почесто привлекува странски туристи. Палигора смета дека државните институции мора да обезбедат лица кои ќе бидат задолжени за грижа и презентација на ваквите клучни објекти пред посетителите.

    „Има клуч кај двајца-тројца од жителите во селото. Ако луѓето се слободни кога има туристи, ќе им отворат. Но, се случува да бидат зафатени со друга работа која им носи егзистенција, па да не можат да ја отворат црквата. Ако се зафатени, клуч не даваат на лица што не им се познати, а не можат да им наплатат влезница, нема таков основ. Воедно, тука  населението е старо, немаме луѓе кои ќе бидат задолжени да се грижат за црквата, што ќе примаат некаков надомест, што ќе ја отвораат црквата кога ќе дојдат посетителите и ќе им нудат основно објаснување“ , вели Палигора.

    Има клуч кај двајца-тројца од жителите во селото (Фото: СДК.МК)

    Тој додава дека мора да се направи некој принцип на презентирање на ваквите споменици.

    „Ние дефинитивно не знаеме да стопанисуваме со културните споменици. Не може да ги чувствуваме спомениците како бунар без дно, во кој постојано ќе инвестира државата, а да не се продуцираат некакви средства. На тој план мора многу да се работи во иднина, да се менаџираат спомениците “, вели Палигора.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира